Ако во пресметувањето го земеме бројот на граѓани кои имаа право на глас на локалните избори во октомври лани – 1 824 864 и од него извадиме кубен корен, тогаш добиваме резултат 122
,,Ние во науката велиме дека обично бројот на пратениците треба да биде кубен корен од бројот на гласачите.”
Ова вечерва во гостувањето на Сител ТВ го кажа пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и универзитетска професорка, Гордана Силјановска-Давкова, порачувајќи дека е време да се намали бројот на пратеници во Собранието, како и да се воведе една изборна единица.
„Ако има Словенија функционален систем, можеме да имаме и ние. Инаку, да, во партијата сме разговарале, ми го соопшти ова претседателот. Ние во науката велиме дека обично бројот на пратениците треба да биде кубен корен од бројот на гласачите. Ние имаме голем парламент. Секоја реформа треба да почнува од себе. Значи штедењето треба да почне од нас. Така што мислам дека сосема во ред е да се намали бројот на пратениците“,
гласи изјавата на пратеничката што до медиумите ја испратија од партијата.
Меѓутоа, според формулата што ја наведува Силјановска-Давкова, излегува дека македонскиот парламент го има речиси ,,вистинскиот” број на пратеници. Ако во пресметувањето го земеме бројот на граѓани кои имаа право на глас на локалните избори во октомври лани – 1 824 864 и од него извадиме кубен корен, тогаш добиваме резултат 122.

Барањето за намалување на бројот на пратеници, како и воведување една изборна единица изминатите години, посебно во пресрет на избори, е актуелна тема која ја наметнуваат помалите партии. Една изборна единица беше меѓу заложбите кои можеа да се слушнат и во кампањата за парламентарните избори во 2016 година од страна на СДСМ, која е една од партиите кои се дел од „четворката големи партии“. Во периодот по повлекувањето на Зоран Заев од лидерската и премиерската позиција и формирањето на новата влада на Димитар Ковачевски, помалите коалициски партнери во владејачкото мнозинство поставија услов да се воведе една изборна единица или во спротивно ќе излезат од коалицијата што би можело да доведе до предвремени избори.
Во овие барања и предлози се вмеша и ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер Христијан Мицкоски во петокот во емисијата „360 степени“ излезе со предлог за една изборна единица, но и намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.