Името на Ричард Гренел во земјава е познато од времето на претходниот мандат на Трамп кога како специјален пратеник за Балканот се појавија извештаи дека заговарал размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано
Ричард Гренел летово повторно беше актуелен во земјава по неговите две средби со премиерот Христијан Мицкоски и со дел од министрите во актуелната Влада
Американскиот дипломат Ричард Гренел, кој е предложен за претставник за специјални мисии на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, ќе има задача и да се фокусира на тензиите на Балканот, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извор од транзицискиот тим на Трамп.
Доналд Трамп во објава на неговата платформа Трут сошал напиша дека Гренел ќе биде назначен на оваа позиција, но не дава дополнително објаснување за должностите што ќе ги има.
Единствено се наведува дека тој ќе работи на некои од најжешките точки низ светот, вклучително и Венецуела и Северна Кореја.
Името на Ричард Гренел во земјава е познато од времето на претходниот мандат на Трамп кога како специјален пратеник за Балканот се појавија извештаи дека заговарал размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано.
Ричард Гренел летово повторно беше актуелен во земјава по неговите две средби со премиерот Христијан Мицкоски и со дел од министрите во актуелната Влада.
Првата средба меѓу Мицкоски и Гренел се случи во Вашингтон на 8 јули, за време на НАТО-самитот во САД, а следната средба беше во Скопје, во Владата.
Како што информираа тогаш од Владата, во текот на средбата се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. На средбата била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Политичките почетоци на Гренел се врзуваат за стартот на милениумот и турбулентниот период по нападите на 11 септември 2001 година. Работел како портпарол во мисијата на САД во Обединетите нации во Њујорк, меѓу другото, и во периодот кога шеф на мисијата е Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Доналд Трамп, но набрзо се разиде со тогашниот американски претседател.
Во годините на администрациите на Барак Обама, Ричард Гренел формира компанија за комункациски услуги со портфолио во Кенија, Конго, Молдавија, Авганистан. Во 2016 г. станува и коментатор на телевизијата „Фокс“ која отворено застана во поддршка на првата кандидатура на Трамп за претседател на САД. Во тој период неговата фирма се поврзува со случај во кој медиумски бранела и лобирала за молдавски олигарх кој веќе бил ставен на „црната листа“ на Стејт департментот. Има извештаи и за тоа дека компанијата на Гренел добила 100 000 долари од владата на десничарот Виктор Орбан.
Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа започнува институционалниот подем на Гренел, прво како амбасадор на САД во Германија кога се „истакнува“ со изјавите на поддршка на десничарските партии во Европа, потоа и како специјален пратеник на американскиот претседател Трамп за Балканот кога се појавија извештаи дека заговарал размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано.
Ваквите иницијатива наидоа на силен отпор кај земјите членки на ЕУ, а меѓу најгласните беше Германија која сметаше дека тоа може да доведе до домино-ефект во регионот со тоа што слични барања би се појавиле во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.
Во 2020 година Гренел доаѓа на позицијата в.д. директор на Националното разузнавање, која му овозможува координаторска улога на 17 разузнавачки агенции на САД.
По победата на Џо Бајден, Гренел не го заборава Балканот. Сè уште е присутен во регионот, но во економска смисла преку инвестиции во недвижности во Србија и Албанија.