Министерот ова го изјави од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, го праша колкав е бројот возила кои без дозвола имаат флешери и дали истите се користат за, како што рече, спроведување на црни бизнис зделки
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека „аудито А6“, кое беше запалено пред домот на првиот вицепремиер и министер Артан Груби, имало флешери, но како што рече, не е ни прво ни последно возило кое недозволено има таква сигнализација.
Спасовски ова го изјави од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, го праша колкав е бројот возила кои без дозвола имаат флешери и дали истите се користат за, како што рече, спроведување на црни бизнис зделки.

„Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност“,
рече Спасовски.
Додаде дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи флешери, а дека може да ги користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција. Ниту еден друг, нагласи Спасовски, не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила.
Ковачки побара и од јавниот обвинител Љубомир Јовески да одговори дали е покрената истрага за овој случај, особено за тоа дали има корупција во подарувањето на возилото на Груби од лице кое потоа купило хотел за 55 илјади евра, притоа дополнително го праша и дали ќе си поднесе оставка.
Јовески посочи дека обвинителствотоп ги прибира сите потребни докази уште од денот на инцидентот и додаде дека детално и целосно ги испитува случувањата во врска со овој настан.
„Кога ќе бидат собрани доволно податоци во однос на кривичното дело и во однос на евентуален сторител на кривично дело тогаш Обвинителството ќе отвори соодветна истрага. Не само во врска со опожареното возило, туку Обвинителството собира податоци во овој случај и во делот на купувањето на хотелот“,
рече Јовески.
На прашањето на Ковачки кога ќе си поднесе оставка, Јовески кажа:
„Тоа задоволство нема да ви го овозможам.“
Автомобилот „ауди А6“ беше запален минатиот викенд пред домот на првиот вицепремиер и министер Артан Груби. Полицијата тогаш информира дека возилото е во сопственост на извесен Б.Л.
Откако дел од медиумите го поврзаа опожареното возило со првиот вицепремиер, Груби не демантираше дека приватно го користел возилото иако тоа се води на име на друго лице. Тој кажа дека се работи за негов пријател, но призна дека палењето во возилото е порака до него.