Премиерот Оливер Спасовски, заедно со претседателот на СДСМ, Зоран Заев и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска во Истанбул во седиштето на Цариградската патријаршија се сретна со Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј.
Средбата, според владината прес-служба, е на покана од вселенскиот патријарх што Заев ја доби додека беше премиер.
Во соопштението нема детали од разговорите, но се истакнува дека биле во пријатна атмосфера, при што е изразена надеж дека и оваа година патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваат православниот свет и верниците.
Спасовски го поканил патријархот Вартоломеј да ја посети нашата држава.
Сигнали за признавање на автокефалноста
Веднаш по Преспанскиот договор и промената на името, од православниот свет почнаа да пристигнуваат сигнали дека наскоро е можно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Точно пред една година московскиот весник „Комерсант“ објави текст во кој оцени дека усвојувањето на уставните измени освен за НАТО и ЕУ-перспективите може да има уште една последица, важна не само за таа балканска држава, односно според мислењето на регионалните експерти тоа може да влијае и врз доделувањето автокефалност на Македонската православна црква.
Веднаш потоа и патријархот на Бугарската православна црква Неофит за БГНЕС изјави:
„Важно беше да се утврди името на државата и верувам дека постепено ќе одиме кон радост. Ќе направиме сè што е неопходно, со Божја помош, радоста на нашите браќа од Македонија да биде целосна“,
изјави патријархот Неофит одговарајќи на прашање на БГНЕС на какво ниво се односите и дали бугарската црква ќе продолжи да ѝ помага на црквата во Северна Македонија.
Рускиот патријарх Кирил во април лани во интервју за српскиот весник „Политика“ рече дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на автокефалноста и на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
„Ако се отфрлат споредните детали, ‘украинскиот рецепт’ е сосема едноставен: цариградскиот патријарх си даде право да може да го ревидира кој било документ и договор што го издале неговите претходници, доколку неговата содржина не му одговара… Така, ја укина граматата од 1686 година за предавање на Киевската патријаршија под јурисдикција на Руската православна црква. Следствено, тоа не гарантира дека ‘украинското сценарио’ нема да се повтори и во Македонија и Црна Гора. Македонија и Црна Гора сега се независни држави, а тоа значи дека актуелните канонски граници на СПЦ, според Томосот од 1922 година, Фанар може лесно да ги оспори… И не е случајно што патријархот Вартоломеј напоменува дека тоа што ѝ припаѓа на Србија ѝ припаѓа канонски и еклисиолошки – тој намерно не зборува за Српската црква, туку за Србија како држава, алудирајќи на тој начин на нејзините современи граници“,
рече рускиот патријарх во интервју за српскиот весник „Политика“.
Тој тогаш најави дека Синодот на Цариградската патријаршија почнал да го разгледува барањето за МПЦ-ОА, врз основа и на писмото што една година пред тоа (мај 2018) тогашниот премиер Заев го испрати до Вселенскиот патријарх со кое побара помош околу конечно решавање на црковниот спор што постои од возобновување на Охридската архиепископија.
Во ноември 2017 година Бугарската православна црква по барање на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, одлучи да биде мајка црква на МПЦ-ОА како своја света должност и понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сѐ што е неопходно за утврдување на канонскиот статус на МПЦ.
„БПЦ никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската православна црква, поради што се разговараше. Во ситуација кога Македонската православна црква ја признава Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП), за своја мајка црква, БПЦ-БП го смета за своја света должност ангажманот да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сѐ што е неопходно за утврдување на канонскиот статус на МПЦ. Формирана е ерхиерејска комисија за преговори со МПЦ и со останатите помесни православни цркви за воспоставување канонски статус на МПЦ“, пишува во одлуката на Синодот на БПЦ од 2017 година.
Лани во мај и Светиот архиерејски сабор на СПЦ донел одлука да ги обнови преговорите за решавање на статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и да ги продолжи разговорите за тоа со нејзини претставници.