Координаторот на пратеничката на група на СДСМ во Собранието најави дека детално ќе ја анализираат програмата на мандатарот и дека на седницата за избор на новата влада ќе дебатираат со факти и аргументи
Според сега опозицискиот СДСМ, предлогот за работа и составот на новата влада, која мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ги поднесе во Собранието, не нудат јасен план за економијата и јасни правци за стратегиските интереси на земјата.

Ставот на опозицијата во изјава за медиумите во Собранието го соопшти пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој додаде дека кадровскиот потенцијал што се нуди не одговара на очекувањата на граѓаните.
„Од поднесениот предлог за состав на новата влада може да се констатира дека се продолжува во насока на големи ветувања и напразно кревање на очекувањата на граѓаните. Во суштина, важи народната ‘каде што имаат големи ветувања, одете со мала торба’“,
рече Спасовски.
Осврнувајќи се на делот за економијата, во контекст на констатацијата дека во програмата за работа на владата не постои јасен план, тој праша како и на кој начин ќе се заштити минималната плата и како ќе расте просечната плата во државата.
„Нема детален план како ќе растат пензиите и кој ќе биде системот на гарантирање на растот на пензиите. Како ќе се стопираат зголемувањата на цените, што ќе се прави во делот на здравството како еден од клучните сегменти. За жал, немаме ниту јасни правци за исполнување на нашите стратешки интереси, членството во ЕУ, освен декларативните“,
рече Спасовски.
Во однос на кадровскиот потенцијал што се нуди од мандатарот, координаторот на пратеничката група на СДСМ рече дека тој не може да одговори на очекувањата на граѓаните ниту, пак, на ветувањата што беа дадени во предизборниот период.
Спасовски кажа дека владата што се предлага е составена од кадри кои креираа политики во „еден период на владеење на режимот на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година“ и кои, како што додаде, не може да понудат ништо ново или подобро од тоа што било во тој период.
„Од друга страна има кадри кои не биле на позиции и за кои не можеме да кажеме како ќе постапуваат. Има предложени кадри за коишто самото ВМРО-ДПМНЕ имаше многу негативни ставови и мислења како опозицијата. Се сеќавате на изјавите за кандидатот за министер за здравство. Така што, сето тоа уште еднаш потврдува дека нема реалност во ветувањата. Детално ќе ја анализираме програма и на седницата за избор на влада ќе дебатираме со факти и аргументи“,
рече пратеникот Спасовски во изјавата за медиумите до Собранието.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на влада, Христијан Мицкоски, денеска попладне во Собранието ја поднесе програмата за работа на владиниот кабинет што го предлага, како и списокот на членовите што ќе ја сочинуваат со нивните биографии.

Соопштувајќи го повторно составот на иднината влада, она што веднаш паѓа в очи е бројот на вицепремиери што Мицкоски ќе ги има околу себе на овалната маса за седници во зградата на владата на Илинденска број 2. Според имињата на предлозите за членови на владата, Мицкоски ќе има пет заменици, односно вицепремиери, иако се очекуваше тие да бидат четворица.
Во краткиот осврт на предлог-програмата за работа на идната владата, Мицкоски најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата од секаков вид, а во делот на економијата рече дека очекува брзи резултати каде, како што рече, бизнисот ќе може да се чувствува сигурен, бидејќи ќе има цврста и стабилна влада која ќе го охрабрува да вложува во проширување на своите капацитет и да вработува што е можно повеќе наши граѓани.
За предложените членови на владата рече дека станува збор за луѓе коишто се исклучително мотивирани веднаш да постигнат резултати.
„И јас очекувам дека секој еден од нив максимално ќе се заложи, ќе даде и повеќе од својот личен капацитет да направиме нешто за нашите граѓани. Тие тоа го заслужуваат, бидејќи тие своето го направија, сега е на ред ние да направиме нешто за нашите граѓани“,
рече мандатарот Мицкоски.