Според него, со ваквиот потег се врши дискриминација и тоа не по политичка основа, затоа што полициските службеници не може да бидат членови на политички партии, туку дискриминација само заради тоа на кои позиции биле и во чие време биле на позиција
Отпуштањето на 15 високи полициски функционери е класичен пристап на партизација на ВМРО-ДПМНЕ, оцени денеска поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски. Според него, со ваквиот потег се врши дискриминација и тоа не по политичка основа, затоа што полициските службеници не може да бидат членови на политички партии, туку дискриминација само заради тоа на кои позиции биле и во чие време биле на позиција.
„Единствено логично објаснување на ваква состојба е само да се затскрие настанот којшто беше со бомбата во Ќерамидница, истиот ден да се објави друга вест. Апсолутно е недозволено да овие луѓе бидат понижени, иако досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети, сите се со сертификати, некои од нив имаат и НАТО-сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа. Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи“,
изјави Спасовски.
Како што информира вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, околу 15 високи полициски функционери добиле откази од своите работни места откако Комисија за ревизија на Министерството за внатрешни работи (МВР) утврдила дека изминатите години селективно и незаконски им биле издавани дозволи за поседување оружје на лица кои не ги исполнувале условите.
Ваквото селективно и незаконско постапување, поради кое над 5 000 предмети поврзани со издавање дозволи за оружје останале нерешени, а само дел имале епилог, било поттикнато со, како што кажа тој, незаконити мотивациони средства.
„Јавна тајна е дека комисиите кои ги работеле овој тип на предмети во минатото постапувале крајно селективно мотивирани со друг тип на незаконити мотивациони средства за на крајот од 5 000 поднесени предмети на годишна основа да издадат одреден број предмети и ги решат така како што сметале дека треба да ги решат. Сакам да ѝ соопштам на македонската јавност дека во текот на денешниот ден, односно во текот на овие денови претходно, па и поголем временски период наназад од моја страна овој факт е констатиран и веќе има разрешници“,
рече Тошковски.
Дополнително, министерот најави и дека по насока на јавен обвинител против сите оние кај кои ќе биде утврдено дека сториле кривично дело во наредните денови ќе биде поднесена и соодветна кривична пријава.