Истрагата е многу комплексна не само заради тоа што учествуваат многу оддели од МВР – Одделото за борба против организиран криминал, за антитероризам , Одделот за кибер-безбедност, форензика. Сето тоа е ставено во функција. Меѓутоа истрагата е сложена затоа што ги утврдуваме ај-пи адресите од каде доаѓаат, дали се обични ај-пи адреси. Се праќаат претежно од надвор, преку ви-пи-ен адреси, вели министерот за внатрешни работи
Истрагата за дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта е многу комплексна не само затоа што во неа учествуваат повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР, туку и поради анализите на самите адреси од кои се испраќаат, а кои претежно се ви-пи-ен адреси (виртуелни приватни мрежи) и се надвор од државата, посочи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето вечерашно гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Карактеристично за заканите, вели Спасовски, е што појавуваат најчесто во среда, четврток и петок, во една смена кога има одредени класови и наставници.
„Значи тоа се дел од работите кои што се анализираат овој период. Инаку, истрагата е многу комплексна не само заради тоа што учествуваат многу оддели од МВР – Одделото за борба против организиран криминал, за антитероризам , Одделот за кибер-безбедност, форензика. Сето тоа е ставено во функција. Меѓутоа истрагата е сложена затоа што ги утврдуваме ај-пи адресите од каде доаѓаат, дали се обични ај-пи адреси. Се праќаат претежно од надвор, преку ви-пи-ен адреси“,
рече Спасовски, додавајќи дека дел од дојавите биле од Хрватска и Швајцарија.
Тој истакна дека целта на ваквите „терористички закани“ е да предизвикаат дестабилизација и несигурност во институциите.
„Има неколку карактеристики, сите се лажни, но по секоја мора да се постапува според протоколот. Сега постои и посебна европска конвенција за кибер криминал за проценка на нивото на закана и тоа заедно го работиме.Содржините на мејловите се различни. Со терористи преговори нема, а кога има лажна најава, нема што да разговараме и ги преземавме сите неопходни мерки“,
подвлече Спасовски.
Утрово повторно имаше дојави за поставени експлозивни направи во седум средни училишта во Скопје – „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Панче Караѓозов“, „Михајло Пупин“ и „Арсениј Јовков“.
Учениците и наставниците и останатиот персонал во училиштата беа евакуирани, а по извршените антитерористички проверки од полицијата повторно беше утврдено дека станува збор за лажни дојави.
Пријавите за дојави за бомби во средните училишта во Скопје почнаа пред три недели, а оттогаш училиштата во главниот град беа евакуирани во седум наврати.