Кај нас е санкционирано учеството во странски војски. Министерството е постојано фокусирано на сузбивање на тероризмот, вели Спасовски

Вкупно 50 лица се наоѓаат во македонските затвори за постапување во делот на тероризмот, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Како резултат на досегашните оперативни акции на Министерството за внатрешни работи, вупно 50 лица се наоѓаат во македонските затвори. Неодамнешното апсење на двете лица кои биле во служба во ИСИС е резултат на една од успешни акции на Министерството“,
рече Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Според него вчерашната акција во која беа уапсени три лица, две лица на територијата на Северна Македонија и едно лице на територија на Република Франција, е заедничка акција која е спроведена во исто време и се работи за лица повратници кои биле или лица кои повторно се обидуваат да бидат некаде на бојните полиња.
„Кај нас е санкционирано учеството во странски војски. Министерството е постојано фокусирано на сузбивање на тероризмот“,
рече Спасовски.
Според него борбата против тероризмот или тероризмот како појава е нешто што е сериозен предизвик и ќе продолжува да биде и понатаму предизвик, како што е миграцијата и сајбер криминалот. Спасовски вели дека институциите во државата и Министерството за внатрешни работи, како и безбедносните служби се насочени постојано во борбата против тероризмот.
Вчера, МВР соопшти дека се приведени О.С (28), Р.С. (33) и М.Г (26) кои биле предмет на интерес на безбедносните служби и во меѓународна соработка на МВР и АНБ со други партнерски безбедносни служби, активностите резултирале со истовремена синхронизирана полициска акција спроведена на територија на Македонија и Франција.
Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија за претходна постапка, од страна на МВР биле извршени претреси на две локации во Скопје кај О.С и Р.С, при што биле пронајдени и одземени огнено оружје, муниција, мобилни телефони и други електронски уреди кои можат да содржат дополнителни докази за извршеното кривично дело.
