Важно е да се направат добри анализи, важно е да се обединат сите структури кои подразбираат или ги споделуваат заедничките европски вредности, вредности за напредокот на државата, вели актуелниот министер за внатрешни работи чие име се споменува како еден од можните претседателски кандидати
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека засега не размислува за евентуалните имиња за кандидати за претседателските избори што треба да се одржам напролет следната година.
За време на гостувањето на ТВ Алсат, на прашањето дали тој ќе се кандидира за претседател со оглед дека неговото име се споменува се почесто, Спасовски вели дека за тоа ќе разговараат партиските органи.
„И анкетите и признанието од страна на граѓаните се само уште еден мотив повеќе да се посветам максимално за да ги завршиме сите работи кои ни стојат на располагање. Затоа, за мене воопшто не е важно колку време трае мандатот – јас од првиот ден кога дојдов овде, тргнав кон остварувањето на целите кои ги зададов. Без притоа да калкулирам колку би можел да трае мандатот на министерот, дали еден, дали повеќе мандати, дали една година итн. Ако тргнете со пристап дека треба нешто да завршите и да ја остварите целта која ја имате, тоа е доволно важно за себе и за сите други кои се околу – да се препознае таа намера и да се оствари целта. Така што, во политичкиот дел за тоа сигурно дека ќе се разговара на ниво на партија, на ниво на партиски органи во носењето на таквите одлуки“,
вели Спасовски.
Тој вели дека ги слуша имињата кои се споменуваат, но тоа е во рамки на шпекулации и разговори што ги има во јавноста.
„Јас сега воопшто не размислувам на тоа прашање. Можеби ќе дојде тема на која ќе разговараме и ќе ги соочиме сите аргументи. За мене што е важно?! Важно е да се направат добри анализи, важно е да се обединат сите структури кои подразбираат или ги споделуваат заедничките европски вредности, вредности за напредокот на државата и, таа опција да ја предводи Македонија и во наредните четири години. Тоа е мојот врвен приоритет и за тој приоритет ќе се борам. Личните амбиции, личните судбини и политички калкулации воопшто не се важни, за нас треба да биде важна Република Северна Македонија и секој еден граѓанин“,
вели Спасовски.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ и коалицијата, во досегашните јавни настапи неколкупати беше прашан дали ќе се кандидира за втор мандат, меѓутоа неговите одговори беа дека сè уште не одлучил. Дали ќе бара доверба за уште пет години како шеф на државата, тој посочуваше дека му е важна поддршката од коалицијата што застанала зад него на претходните избори, но уште повеќе поддршката и рејтингот кај граѓаните.