Околу тоа дали евентуална реконструкција ќе го опфати и него, пак, министерот рече дека е растеретен и оти го разрешуваат и менуваат од позицијата на секои три месеци уште откако влезе во МВР во 2015 година

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во вечерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 тврдеше дека состојбата во неговата партија СДСМ е нормална и тврди дека не присуствувал на никакви тајни средби.
На констатацијата дека целокупниот СДСМ деновиве беше на удар поради можна внатрешна поларизација, тајни средби и обиди за пуч, тој вели дека не знае кои биле причините за такви средби, но укажува дека одлуките се носат од страна на партиските органи.
Исто така, порача дека лично ќе се бори за зачувување на единството и не верува оти некој ќе се охрабри да ги руши партиските принципи.
„Состојбата во СДСМ е нормална, јас не сакам да коментирам. Можам да ви кажам дека јас не сум присуствувал на ниту една од тие средби и не сакам да коментирам за средби кои биле во тесен круг, ниту знам за причините, ниту кои биле целите и ви укажувам дека одлуките се носат од органите. Така што во тесни кругови може да се разговара за одредена тема, но тоа не се одлуки кои стратешки треба да се определат во делот на СДСМ. Јас лично како човек, како долгогодишен функционер, цврсто ќе се борам за сочувување на единството и за задржување на принципите за кои оваа партија се залага и од тоа отстапување нема. И за тоа ќе се дебатира и разговара во рамки на партијата и мислам дека нема човек во СДСМ кој ќе може да се охрабри да ги руши овие принципи на кои сме застанале во оваа битка што ја водиме“,
рече Спасовски.
Прашањето околу партиските превирања во СДСМ се наметна во јавноста откако пред Нова година порталот „Плусинфо“ пишуваше дека Заев подмолно се обидува да го урне Ковачевски“ и дека имал идеја за делење на власта меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, без партиципација на ДУИ, како и оти имало идеја за смена на министрите кои важат за блиски до поранешниот лидер, меѓу кои е и Спасовски.
Околу тоа дали евентуална реконструкција ќе го опфати и него, пак, министерот рече дека е растеретен и оти го разрешуваат и менуваат од позицијата на секои три месеци уште откако влезе во МВР во 2015 година.
„Што се однесува до реконструкција на Влада, промени итн. Секако дека тоа право го има претседателот на владата, да предлага избор и разрешување министри. Таа дебата е легитимна да се води и во рамки на партијата и на парламентот. Јас не мислам лично дека ниту една политичка кариера на кој било во државата, макар и на Оливер Спасовски, не е многу поважна од граѓаните и од државата. Така што, јас сум сосема растеретен сум во овој дел. Ако се отвори таа дебата ќе се разговара и на основа на тоа ќе се донесат, меѓутоа да напоменам од 2015 откако сум влезен во Министерството на секои три месеци ме разрешуваат и менуваат“,
рече Спасовски.