Сите политички субјекти што учествуваат во Владата треба да имаат политички сенс и одговорност и да не излегуваат од рамките на она што им е даде како можност во однос на Законот за Владата, да не се нарушува функционирањето на институциите и да се одржува некаков нормален тек на работите, порача премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, за случувањата во МВР на кои деновиве сведочи јавноста.
„Сè што е надвор од овие рамки е некакво своеволно толкување на одредбите од законите и начинот на кој се функционира, затоа посебно треба да се внимава во МВР бидејќи е многу важно да немаме никакви сериозни закани за безбедноста или да се предизвика ситуација на нестабилност и неизвесност кај граѓаните. Сметам дека не носи ништо добро тоа што ќе се создаде хаос, тоа покажува некакви лични и политички интереси кои треба да бидат покажани“,
изјави Спасовски додавајќи дека очекува да се надминат сите недоразбирања во МВР
Конкретно за телеграмата за враќање на возила, премиерот вели дека возилата се нешто со што најмалку треба да се оптоваруваат, додека за дописот на министерот Наќе Чулев, со кој ги укина наредбите за извршување задачи што ги дал токму Спасовски, тој вели дека се покажало дека тоа не е најисправен модел како треба да се работи.
„Очекувам дека најмалку треба и државата и кој било од нас да разговара односно да ги заморуваме граѓаните кој какви возила има туку, напротив, очекувам да седнат да разговараат и низ дијалог да ги решат сите овие прашања. Кој колку возила има е помалку важно, последен приоритет на секој еден граѓанин, многу е поважно да функционираат институциите да се одржи безбедноста“,
рече Спасовски.
Тој очекува дека со тоа што директорот на БЈБ вчера доби задача да ги согледа состојбите, денеска ќе се затвори тоа прашање во МВР.