Според министерот за внатрешни работи, корупцијата е таа која го јаде македонското општество и оти е потребен систем кој ќе одговори на секој предизвик во врска со ова прашање. Што се однесува до работата на МВР, тој вели дека бројките покажуваат ефикасност во откривање на корупцијата речиси за 50 отсто во споредба со претходната година
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го дели ставот на евроамбасадорот Дејвид Гир дека е потребно да се зајакнат напорите во борбата против корупцијата, која, како што вели министерот „практично го јаде македонското општество“.

„Мојот став е исто така дека треба да се зајакне таа борба против корупцијата и тоа на секое ниво не само дали е тоа на високо ниво или ниско ниво. Корупцијата е таа која практично го јаде македонското општество“,
рече Спасовски, прашан за коментар на вчерашните критики кои дојдоа од евроамбасадорот Гир, дека чекорот на реформите во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата во С Македонија остануваат разочарувачки.
Спасовски вели оти е задоволен од она што е направено од Министерството за внатрешни работи во врска со ова прашање, а тоа, како што рече, го покажуваат и статистичките податоци.
„Јас лично сум задоволен во однос на тоа што е направено од страна на Министерството за внатрешни работи и тоа бројките статистички го покажуваат. Минатата година, на пример, имаме ефикасност во откривање на корупцијата речиси за 50 отсто во однос на претходната година“,
изјави Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по свечената церемонија со која беше означен почетокот на операцијата на Фронтекс во С Македонија.
Според Спасовски, во однос на борбата со корупцијата, потребен е систем кој ќе одговори на секој предизвик, а треба да се работи и на јакнење на јавната свест и довербата во институциите.
„Тоа сепак треба да биде систем кој ќе биде во можност да одговори на секој еден предизвик и притоа да се работи многу и на јакнењето на јавната свест бидејќи и таа е многу важна за да се зголеми и довербата во институциите за да можат луѓето да пријавуваат, секако, најважно за тие случаи кои се однесуваат на високата корупција“,
изјави Спасовски.
Шефот на делегацијата на Европската Унија во С Македонија вчера рече дека извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава од минатиот октомври дава јасни насоки што треба да се направи и кои се приоритетите, но досега, според него, малку е постигнато на тој план.
Гир ова го изјави на состанокот со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на кој беше разгледан напредокот во исполнувањето на препораките на Европската комисија во борбата против корупцијата.
Според него, Владата, парламентот, правосудството се главните протагонисти во таа борба и мора да служат како пример.
„ЕУ и нејзините земји членки инвестираа многу за поддршка на владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјава. Навистина, сега е време Северна Македонија и нејзините институции да испорачаат понатамошни конкретни опипливи резултати, пред сè заради граѓаните, но и заради напредок на патот кон ЕУ“,
рече вчера евроамбасадорот Дејвид Гир.
Тој се осврна на Држaвната комисија за спречување корупција (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР), кои, како што рече, вршат важна работа, но на нивните препораки во конкретни случаи не се постапува.
„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија вршат важна работа, но на препораките од овие тела во конкретни случаи често не се постапува. Исто така, и нивото на имплементација на Националната стратегија за борба против корупција останува незадоволителна и претставува само 10 отсто според минатогодишниот извештај на ДКСК. Во оваа Стратегија има јасни и прецизни задачи за секоја институција присутна на состанокот. Трансформирањето на добрите намери во дела бара напорна и заедничка работа и соработка. Можете да сметате на нашата поддршка. Заедно со силната политичка посветеност почнувајќи од највисокото ниво преку институциите, потребни се засилени напори на Владата, на министерствата, на општините и државните институции за постапување согласно тие препораки. Но, парламентот исто така има своја улога. Фактот дека сè уште не е разгледан извештајот за имплементација на Националната стратегија за борба против корупција на ДКСК за 2021 година е обесхрабрувачки“,
рече евроамбасадорот Гир.