„Не може да стане збор за никаков конфликт за прашање како што се претседателските избори, затоа што не се отвори тоа прашање (на минатонеделниот состанок на партискиот врв) и за тоа сè уште не се разговара во партијата. Кога ќе дојде време, ќе разговараме и низ дијалог ќе се утврди тоа што е најдобро“, изјави министерот за внатрешни работи прашан дали се точни шпекулациите дека има кавга во СДСМ за изборот на кандидат за претстојните претседателски избори
Спасовски, одговарајќи на новинарските прашања за време на посетата на Факултетот за безбедност, рече дека останува цврсто на ставот против предлог-законот за амнестија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прашан денеска во врска со шпекулациите за наводна кавга во СДСМ околу номинирањето кандидат за претстојните претседателски избори изјави дека за такво нешто не може да стане збор, затоа што на оваа тема сè уште не било разговарано во партијата.

Спасовски, чие име се споменува во политичките кулоари како можен кандидат за шеф на државата од страна на СДСМ, беше прашан и за детали од минатонеделниот координативен состанок на стратегискиот тим за европскиот пат, на кој присуствуваше и поранешниот претседател на партијата Зоран Заев.
„Прво, разговаравме за многу теми и прашања кои се од заеднички интерес, и државен и партиски. Второ, не може да стане збор за никаков конфликт за прашање како што се претседателските избори, затоа што не се отвори тоа прашање и за тоа не се разговара во партијата сè уште. Кога ќе дојде време, ќе разговараме и низ дијалог ќе се утврди тоа што е најдобро. За нас што е важно? Важен е европскиот фронт, таа опција која нуди извесност на државата и граѓаните да ја добие довербата од граѓаните“,
изјави министерот за внатрешни работи кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“.
За присуството на експремиерот и поранешен партиски лидер Зоран Заев на состанокот и каков придонес може да се очекува од него, Спасовски рече дека сплотеноста околу одредена идеја е најважна за успех и дека секој е добредојден во европскиот фронт.
„Секој еден човек може да даде исклучителен придонес, од најобичниот член, па сè некој што бил и претседател на партијата. Секако дека обединетоста, сплотеноста околу одредена идеја, а тоа не врзува во политичките партии, е најважна за успех. Така што, секој е добредојден во европскиот фронт за напредок на државата“,
изјави министерот за внатрешни работи.
За потсетување, премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот вечерта на својот фејсбук-профил објави фотографии од координативен состанок на стратегискиот тим за европскиот пат, на кој со него на иста маса седат екслидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што се толкува како демант на информациите во јавноста дека оваа тројка не е во добри меѓусебни односи.
Покрај нив тројца, според фотографиите, на состанокот присуствувале и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, професорот на Економскиот факултет и поранешен пратеник и партиски функционер, Игор Ивановски-Шема, шефот на кабинет на премиерот Мартин Попов, како и организациски секретар во СДСМ, Митко Трајчулески.
Ковачевски во објавата на социјалната мрежа напиша дека СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат.
По средбата, на Фејсбук се огласи и Заев, кој напиша дека мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава и дека членството на државата во ЕУ сега се чини најдостижно.
Спасовски останува цврсто на ставот против законот за амнестија
Инаку, Спасовски, одговарајќи на новинарските прашања за време на посетата на Факултетот за безбедност, рече дека останува цврсто на ставот против предлог-законот за амнестија, кој го соопшти вчера.
„Јас искажава мој став, кажав дека тоа е мој став и јас стојам цврсто на тој став дека со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и дека треба да се размислува стратешки во создавање на услови за да може тие кои се за издржување на казни да ги издржуваат казните, а не преку амнестии да ослободуваме простор во казнено-поправни установи“,
рече министерот.
На прашањето, каков е расположението во СДСМ по ова прашање, Спасовски кратко одговори дека политичките ставови ги артикулираат пратениците во Собранието.
Предлог-законот за амнестија, кој предвидува целосно ослободување или помали затворски казни за сторителите на лесни кривични дела, минатата недела доби „зелено светло“ од Владата откако еднаш беше вратен на доусогласување и сега се чека министерот за правда Кренар Лога да се врати од службено патување во САД за да почне собраниската процедура бидејќи, како што рече на брифингот со новинарите, сака лично тој да го брани предлог-законското решение пред пратениците.
Лога на брифинг со новинарите минатиот четврток кажа дека станува збор за истиот закон за амнестија од 2018 година, со мали измени. Имено, како што рече тој Лога, со сегашното решение се изземаат одредени кривични дела за кои нема да важи амнестијата.
Доколку законските измени бидат усвоени, од натамошно издржување на казна целосно ќе бидат ослободени 286 лица, а 996 ќе бидат делумно амнестирани. Но, како што посочи министерот за правда, ова не се конечните бројки. Досегашните анализи се однесуваат само на лицата кои се во затворите, а уште 2 813 чекаат да влезат и за нив ќе се прават дополнителни анализи од Управата за извршување санкции кој ќе биде амнестиран.
