Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска негираше дека имал редовни контакти со обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 во случајот „Рекет“.
„ Службени контакти, два или три кои биле, се однесуваа на одредени пријави кои ги имаше тој и новинари во телевизијата за упад во електронскиот систем во телевизијата и за тоа беа остварени средби со директорот на Бирото за јавна безбедност. Апсолутно не станува збор за било какви други контакти, ниту пак за разговор со него или со било кој друг вклучен во криминални активности“, изјави Спасовски.
Неговата изјава доаѓа по сведочењето на Ана Камчева во вторникот, кога таа го спомена министерот за внатрешни работи како едно од лицата со кое Јовановски контактирал во нејзино присуство.
Камчева го посочи Спасовски додека зборуваше за тоа како се плашела од моќта и влијанието на на Боки кој бил во контакт со многу луѓе од правосудството и од извршната власт. За контактот кој го имал обвинетиот со функционери зборуваше и нејзиниот сопруг, Орце Камчев, кој посочи дека многу од нив биле злоупотребени.