„Поминавме многу тешки моменти и премрежиња во минативе 27 години. Со мудро лидерство и разумни политики, сплотени и посветени успеавме да ги надминеме сите пречки и премрежиња. Сите успеси што сме ги постигнале откако станавме членка на ОН беа благодарение на нашата посветена работа, на заедничкиот труд и обединетоста на народот“, напиша премиерот Оливер Спасовски на својот фејсбук-профил по повод одбележувањето на 27 години од приемот на земјава во Организацијата на обединетите нации, истакнувајќи дека членството во ООН помогна нашата држава да се етаблира на меѓународна сцена, како самостојна и независна држава, и како еднаков дел од меѓународното семејство на народи.
Тој потсетува на приемниот говор на претседателот Глигоров, кој, како што вели, ги постави темелите на нашите вредности и ги зацрта нашите најважни приоритети во надворешната политика, на кој и денес сме посветени и кои неуморно ги реализираме и во тој дух го јакнеме Балканот на добрососедство и на пријателство.
„Ова никогаш не било поточно од денес, кога сме обединети како едно, за да ги постигнеме заедничките успеси и да ги надминеме моменталните премрежиња. Нашата посветеност на концептот ‘Едно општество за сите’ помогна да зајакне социјалната кохезија и да потврдиме дека сите сме еднакви и имаме исти шанси дома без разлика на пол, вера и етничка припадност. Ги затворивме сите прашања со соседите. Немаме отворени прашања и единствена земја сме на Балканот што може да го каже тоа. Воедно, поставивме пример за другите дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници. Ние активно ја поддржуваме и развиваме регионалната соработка за да биде во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на сите граѓани во нашиот регион“,
вели Спасовски.
Тој ги повикува граѓаните и во ова време на предизвици поради ситуацијата со коронавирусот да им веруваат на нашите капацитети и способности и со тоа да ја направат опасноста од коронавирусот да биде триумф на нашето знаење, на професионалноста на нашите институции и на солидарноста на нашиот народ.