Целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Можно е да имаме и проширување на истрагата со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. Важно е да се утврдат сите аспекти, да се обезбедат сите докази за да се потврди она што го имаме како сомнение, вели министерот Спасовски
На прашањето што ќе се случи доколку сега приведените соизвршители кои го признаа делото потоа се предомислат да тврдат дека признанието им е изнудено, Спасовски рече дека сериозни истраги не се водат по медиуми и социјални мрежи и дека исказите коишто полицијата и јавното обвинителство ги имаат се дадени од страна на осомничените во полиција и пред јавен обвинител, соочени со доказите и врз основа на сѐ што е утврдено во истрагата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека нов момент во разоткривањето на случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е тоа што се побарани од Република Турција да се достават дактилоскопските податоци и папиларните линии и тие денеска биле доставени и ќе бидат предадени во јавното обвинителство. Спасовски вели дека се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа.
Спасовски вели дека МВР целосно го има завршено својот дел во оваа фаза на разоткривање на грозоморното убиство и додаде дека и во иднина ќе постапува на барање на јавниот обвинител кој ќе ја води истрагата.
„Целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Можно е да имаме и проширување на истрагата со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. Важно е да се утврдат сите аспекти, да се обезбедат сите докази за да се потврди она што го имаме како сомнение“,
рече Спасовски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Тој нагласи дека во кривичната пријава што ја поднело МВР, која е на 100-тина страни, се содржани сите докази што се обезбедени.
„Има многу аспекти во криминалистичката истрага кои согласно постапувањата по сите стандардни и оперативни процедури значат и обезбедувањето на доказите со кои практично ќе се потврди или се потврдува инволвираноста на сите кои во моментов се осомничени и за кои се поднесени кривичните пријави. Се анализираат 70-тина камери од кои се извадени нивните записи кои се вештачат и се доставени или се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50-тина снимки кои се изведени од ‘Безбеден град’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка“,
рече Спасовски.
На прашањето што ќе се случи доколку сега приведените соизвршители кои го признаа делото потоа се предомислат да тврдат дека признанието им е изнудено, Спасовски рече дека сериозни истраги не се водат по медиуми и социјални мрежи и дека исказите коишто полицијата и јавното обвинителство ги имаат се дадени од страна на осомничените во полиција и пред јавен обвинител, соочени со доказите и врз основа на сѐ што е утврдено во истрагата.
Во однос на шпекулациите околу возилото, искажани од страна на пратеници од опозициската партија, според кои Министерството за внатрешни работи знаело дека возилото е исчезнато уште од 22 ноември, Спасовски одговори дека не може МВР да знае два дена пред воопшто да биде доставена пријава во СВР Велес. А таква пријава, како што рече, била доставена вечерта на 24.11.2023. Спасовски рече дека сите тврдења во јавноста од страна на луѓе коишто заради политички поени ќе газат и по мртви души се најмалку потребни во овој момент.
„Значи, пријавувањето е на 24-ти, вечерта, и оттука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен таков настан во Скопје. Не би сакал да навлегуваме во политиканство. Тие теории на заговор се исклучиво за политиканство и за ништо повеќе“,
рече Спасовски.
Тој не очекува да има проблеми во екстрадицијата на првоосомничениот за двојното убиство од Турција и вели дека е убеден дека тој процес ќе тече најбрзо што може.
„Нашите два народа се мост на соработка меѓу двете држави. Апсолутно сум убеден дека кога станува збор за спроведување на правда, посебно кога станува збор за вакви грозоморни убиства, мислам дека нема воопшто место да размислуваме за таа постапка. Министерот за правда заедно со неговиот тим ги направија сите потребни работи во однос на подготовката на целата документација, преводи кои што се официјални и коишто веќе се доставени во Турција. Информациите се потврдени од страна на турските власти дека се примени сите тие документации во однос на екстрадицијата и јас очекувам дека тој процес ќе тече најбрзо и дека ќе се заврши екстрадицијата на осомничениот“,
додаде Спасовски.
Љупчо Палевски-Палчо беше уапсен во близина на турскиот град Баликесир, откако по него Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница.
Тој се сомничи за две кривични дела грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница, беше фатен во турскиот град Баликесир.
Сите други осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓоревски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесе Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.