Единствено, како што вели Спасовски, имало нарушување на јавниот ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога и едно загрозување на сигурноста

Новогодишната ноќ во целата земја помина главно мирно, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Единствено, како што вели Спасовски, имало нарушување на јавниот ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога и едно загрозување на сигурноста.
„Имаме регистрирани прекршоци по Законот за јавен ред и мир, вкупно 20 во сите сектори за внатрешни работи. Имаме регистрирано два прекшоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, има вкупно осум сообраќајни незгоди со материјална штета на територија на државата“,
изјави Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Ова, како што рече тој, е најмал број на вакви сообраќајни незгоди кои се случиле досега.
„Има останати настани, поплаки кои биле пријавени, вкупно 11. Генерално ако погледнеме и низ територијата на државата, практично по еден, два настани се регистрирани по другите сектори за внатрешни работи. Во СВР Скопје и СВР Тетово имаме поголем број пријави, мислам дека имавме апсолутно поволна безбедносна состојба во текот на целата вечер“,
додаде Спасовски.
Денеска, министерот за внатрешни работи оствари работна средба со раководствата на Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје. На средбата на министерот Спасовски му беа презентирани активностите кои се преземаат во делот на оперативниот план „Безбеден град“ како и сите останати полициски активности кои се под нивна надлежност.
Спасовски истакна дека во 2023 година Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје бележат значително зголемување на активности во рамки на воспоставените планови по „Безбеден град“ преку интензивни засилени мерки со цел заштита на сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на извршување кривични дела и зачувување на безбедноста на граѓаните.
Министерот Спасовски информира дека во изминатиот период се преземени повеќе мерки и активности поради превентивно делување и спречување казниви дела. Извршена е проверка на идентитет на над 10 800 лица, извршен е преглед на повеќе од 9 500 лица и извршен е преглед на над 5 200 возила, а приведени се вкупно 149 лица.
Во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100 илјади парчиња на пиротехника.