Ромите одговорно знаат да застанат на страната на државата, да ја покажат својата лојалност и сега и во наредниот период имаме можност да продолжиме да бидеме обединети во градењето и почитувањето на концептот „Едно општество за сите“, како концепт кој нуди јасна визија за сигурност“, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната панел-дискусија со ромски здруженија од дијаспората.
На дискусијата се разговараше на тема „Состојбата на Ромите во Република Северна Македонија: мерки, приоритети и предизвици“, која преку видео-конференциска врска ја организираа граѓанските организации „Кармен“, „Ромалитико“ и „Аваја“.
„Вие од дијаспората најдобро знаете што значи европската идеја „Обединети во различностите“. Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите во Република Северна Македонија и Националните Акциони планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови“,
рече премиерот Спасовски.
Во врска со темата за мерките кои Владата ги презеде за време на кризата од ковид-19 Спасовски посочи дека во оваа насока се донесени мерки за поддршка на сите граѓани.
Се разговараше за продолжувањето со имплементирање на проектите, кои се препознатливи во ромската заедница и се во насока на поголема инклузија на децата-Роми во предучилишното образование. Беше нагласено дека во последните дванаесет години бројот на запишани ученици Роми во средното образование од година во година расте, а во последните дванаесет години расте бројот и на Роми кои по средното образование се запишале на некој од факултетите во високото образование.
„Тоа се податоци што радуваат и што го подобруваат потенцијалот за поголема вклученост и застапеност на претставници на ромската заедница во општествените институции и процеси“,
рече премиерот Спасовски.
На оваа точка говорниците се согласија дека Ромите се целосно рамноправни со сите наши граѓани, ги уживаат сите права, го негуваат својот јазик, ја развиваат својата култура и традиција и активно учествуваат во креирањето успешни политики, преку нивните претставници во централната, извршната но и локалната власт. Беше заклучено дека тие имаат еднаков пристап до сите програми и политики на Владата кои се однесуваат на поддршката на инвестициите на странските, но и на домашните инвеститори.
Премиерот истакна дека политиките на Владата во изминатите три години на овој план за прв пат ги направија еднакви и домашните и странските инвеститори и подготвено ја нудат поддршката за сите бизнисмени.
„Сакам да истакнам дека Владата преку сите механизми создава граѓанска држава, просперитетна, каде нема да се повторуваат изразите на разна омраза, како во минатите години и каде ромската заедница и сите останати, ќе го имаат заслуженото место. Ромите, одговорно знаат да застанат на страната на државата, да ја покажат својата лојалност и сега и во наредниот период имаме можност да продолжиме да бидеме обединети во градењето и почитувањето на концептот „Едно општество за сите“, како концепт кој нуди јасна визија за сигурност“,
оцени Спасовски.