Министерот за внатрешни работи вели дека со колегите од Бугарија се разменуваат податоци и информации и ги анализираат сите подготовки што се прават за чествувањето на Гоце Делчев, но напоменува дека анализите ќе покажат кои опции ќе бидат преземени
Одлуките за тоа дали некому ќе му биде забранет пристап на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев в сабота, на 4 февруари во црквата „Св. Спас“, ќе зависи од анализите кои се прават и од податоците со кои располагаме, а се во функција на обезбедување мирно и достоинствено чествување на настанот, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
За тоа дека се очекува граѓани од Бугарија да дојдат на чествувањето в сабота во Скопје, по најавите на претседателот на Здружението „Фондација Македонија“, Виктор Стојанов, дека доаѓаат околу 150 лица, Спасовски рече дека со колегите од Бугарија се разменуваат податоци и информации и ги анализираат сите подготовки што се прават.
За најавите, пак, за забрана за влез во Република Северна Македонија за одредени бугарски граѓани и како државата би се справила со тоа, Спасовски повторно рече дека опциите зависат од анализите што се прават.
„Клучно за нас ќе биде дали имаат намера, какви било структури кои сакаат да се организираат, да предизвикуваат проблеми, да изразуваат непочит спрема државата, граѓаните и врз основа на тоа ќе се носат одлуките. Сите опции се отворени, а постојат и законски основи кои укажуваат дека за секој еден кој сака да го наруши достоинството, безбедноста, јавниот ред и мир, треба да се преиспита начинот за тоа. Опциите ќе зависат во основа од анализите кои ги правиме во штабот, на основа на собрани податоци и информации и на крајот одлуката треба да биде во функција на мирно, достоинствено чествување со кое ќе покажеме дека знаеме да ја сочуваме стабилноста“,
рече Спасовски.
На прашањето што ќе направи државата ако европратеникот Ангел Џамбаски во сабота се обиде до влезе во земјата, Спасовски повторно рече дека се прават анализи и врз основа на нив ќе се носат одлуките во секој поглед.
„Меѓутоа, во едно треба да бидат сигурни граѓаните, а тоа е дека никако нема да дозволиме навреди и организација на понижување на македонската држава и народ“,
додаде тој.
За понудата од Главниот комесар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Станимир Станев, Бугарија да обезбеди помош во полицајци ако има такво барање од македонското МВР, Спасовски изјави дека нема потреба за тоа.
„Нема потреба од тоа. Македонската полиција има капацитети коишто гарантираат стабилност и безбедност и е подготвена во целост не само за овој туку и за кој било настан и пригода да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните. Тоа е врвен приоритет. Нема поединец, група или партија која може да биде посилна од државата и треба да ни биде јасно на сите. Второ, има одбор кој се грижи за организација на сите делегации кои сакаат да положат цвеќе да се најавуваат, редот ќе се воведува врз основа на план од македонската полиција и нема да имаме никаков проблем“,
рече Спасовски.
Граѓаните, како што вели Спасовски, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.
„Оваа држава има свои институции коишто се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство, дека ќе се осигури мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме“,
нагласи министерот Спасовски во разговор во утринската програма „Македонија наутро“ на МТВ.
Во однос на најавите за „ноќна стража“ на гробот на Гоце Делчев, Спасовски вели дека тие се едноставно неприфатливи, а полицијата е таа која ја гарантира безбедноста на граѓаните.
„Ниту една политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Тоа е лик, великан на македонскиот народ и затоа треба секој да нас да придонесе тоа чествување да биде национално, достоинствено, без никаков проблем. Единственото нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на неговото дело. Ние како држава водиме политика на добрососедски односи, тука нема дилема, меѓутоа, затоа бараме почит и достоинство. Од тие принципи ние не отстапуваме. Сакаме да подадеме рака на секого, меѓутоа жестоко ќе се спротивставиме доколку некој сака да ги понижи Македонија и македонскиот народ“,
категоричен е Спасовски.
Министерот за внатрешни работи за време на гостувањето во утринската програма уште еднаш испрати апел за достоинствено чествување, порака до сите дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност, за демократско однесување и дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев без никакви нарушувања на јавниот ред и мир.