Службеници и контроли од управните служби на МВР, како што појасни министерот, издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани кои до тој момент немале македонски пасош. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку посредник надвор од МВР
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вечерва на прес-конференција, оцени дека Обвинтелството треба да преземе мерки по, како што рече, обидот на ВМРО-ДПМНЕ и на партискиот лидер Христијан Мицкоски за саботажа на акцијата против полициски службеници кои издавале лажни патни исправи.
„При реализација на оваа акција се соочивме со обид за саботажа, кој за среќа не успеа. Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски беа пласирани информации со кои директно можеше да се загрози се што беше сработено во период од повеќе од една година. Ова е недозволиво застанување против полицијата и против борбата за правда. Откако овие обиди беа пресретнати, се продолжува со лажни вести дека наводно оваа акција била почната кога министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев. Ова е целосна невистина, директно поврзана со обидот да се саботира оваа обемна акција, што е започната на февруари 2019 година, кога првпат се доставува известување до јавното обвинителство. За ваквите обиди за саботажа очекувам да се произнесе Обвинителството. Одговорност мора да има“,
рече Спасовски.
Објаснувајќи ја акцијата, Спасовски рече дека Одделот на МВР за организиран и сериозен криминал и внатрешната контрола сузбиле криминална група на вработени во управните служби на полицијата. Акцијата рече е спроведена со поддршка од регионална канцеларија на амбасадата на САД за истраги и Интерпол. Кривични пријави ќе бидат поднесени против десет лица, од кои девет се приведени денеска, а по едно се трага.
Овластени службеници и контроли од управните служби на МВР, како што појасни Спасовски, издавале патни исправи, злоупотребувајќи идентитети на граѓани кои до тој момент немале македонска патна исправа. На тој начин, вкупно 215 лица, од кои 214 се странски државјани, се стекнале со фалсификувани пасоши, преку посредник надвор од МВР.
Оние што добиле пасоши во еден дел, според министерот, се членови на меѓународи криминални групи и на нарко-ксртели, односно лица висок ризик и со меѓународна потерница. Како пример за лице кое добило патна исправа под туѓ идентитет го спомна ексразузнавачот Горан Грујевски, кој избега од правдата во земјава и сега е во Грција, под име Владимир Варелов.
Вчера ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение од брифинг, а денеска Мицкоски, на прес-конференција, обвини дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет. Според опозициската партија, во МВР се издадени патни исправи со лажен идентитет за водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога Јован Вукотиќ и водачот на турската мафија Седат Пекер. Тие добиле лажни идентитет како Ѓорѓи Андонов и Џадин Адемовски, а од партијата аферата ја нарекоа „Мафија“.