Вчера Спасовски потврди дека „аудито А6“, кое беше запалено пред домот на првиот вицепремиер и министер Артан Груби, имало флешери, но, како што рече, не е ни прво ни последно возило кое недозволено има таква сигнализација

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека полицијата постапува неселективно и дека дури и министрите добиле насока дека не смеат да користат светлосни уреди, а дел платиле и казни.
Светлосната сигнализација незаконски ја користеле и градоначалници, и министри, и раководители, но повеќе не е така, уверува Спасовски.
„Дали имало во политички партии? Имало. Дали имало и во СДСМ? Имало едно време. Меѓутоа, сега не смеат да се осмелат поради тоа што знаат дека исто ќе реагираме како и за секој еден друг. Така што, имало и градоначалници, и министри, и раководители коишто имале такви уреди за кои платиле казни. Јас поднесов посебна информација до Владата пред две и пол години, во која ги информиравме сите министри дека освен оние кои се со полициска придружба, на основа на уредбата, никој друг не смее да користи вакви светлосни уреди и за тоа имаат платено и казни“,
рече тој.
Вчера Спасовски потврди дека „аудито А6“, кое беше запалено пред домот на првиот вицепремиер и министер Артан Груби, имало флешери, но, како што рече, не е ни прво ни последно возило кое недозволено има таква сигнализација.
Повеќе медиуми минатиот викенд објавија дека во скопската населба Чаир било запалено возилото на првиот вицепремиер Артан Груби. Во полиција инцидентот го пријавил Б. Л., кој се води како сопственик на возилото.
Вицепремиерот и министер Артан Груби тврди дека повеќе од три години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер, добил службено возило (и тоа не едно), па увидел дека не го користи тогашното „ауди” што го поседувал и го продал за да не губи на вредноста.
Оттогаш, кога и да му треба возило за приватни потреби, Артан Груби позајмувал од свои блиски. Едно од тие возила, кои не се негови, но ги користел, било „ауди А6″ кое беше запалено пред неговиот дом.