Покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека наместо амнестија државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите
Носењето на законот за амнестија нема да има никакви конкретни ефекти и нема да ја смени состојбата со пренатрупаноста на затворите – е ставот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со законот за амнестија кој предвидува целосно ослободување или помали затворски казни за сторителите на лесни кривични дела. Покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветен, првиот човек на МВР вели дека наместо амнестија државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите.

„Мојот став е дека апсолутно не е соодветен моментот за носење на закон за амнестија. Второ, опфатот којшто е барем соопштен дека ќе опфати прилично мал број лица исто така нема да помогне во многу. Нема да придонесе значително да ослободат места или да се намали притисокот на казнено-поправните установи. Но, сега тоа е работа на Собранието“,
изјави Спасовски, кој денеска беше во тренинг-центарот во Идризово.
Досегашните искуства и минатите закони за амнестија, како што додаде министерот, покажуваат дека лицата осудени за разбојништва и тешки кражби многу често по излегувањето од затвор ги повторуваат делата, а тоа, според Спасовски, претставува дополнителен товар по безбедносната состојба.
„Секогаш укажуваме на тоа дека лицата кои сториле кривични дела, пред сè, разбојништва и тешки кражби претставуваат уште еден товар за безбедносната состојба. Или, ако ги погледнеме минатите закони за амнестија ќе видите дека најголемиот дел од тие лица за два до три месеци повторно се враќаат назад заради тоа што имаат повторно кривични дела со кои ние секојдневно се справуваме“,
вели Спасовски.
Предлог-законот за амнестија, кој предвидува целосно ослободување или помали затворски казни за сторителите на лесни кривични дела, доби „зелено светло“ од Владата откако еднаш беше вратен на доусогласување, а сега се очекува да биде испратен во парламентот.
Министерот за правда Кренар Лога, кој е подносител на законското решение, на брифинг со новинарите кажа дека станува збор за истиот закон за амнестија од 2018 година, со мали измени. Имено, како што рече Лога, со сегашното решение се изземаат одредени кривични дела за кои нема да важи амнестијата.
Доколку законските измени бидат усвоени, од натамошно издржување на казна целосно ќе бидат ослободени 286 лица, а 996 ќе бидат делумно амнестирани. Но, како што посочи министерот за правда, ова не се конечните бројки. Досегашните анализи се однесуваат само на лицата кои се во затворите, а уште 2 813 чекаат да влезат и за нив ќе се прават дополнителни анализи од Управата за извршување санкции кој ќе биде амнестиран.