Премиерот Оливер Спасовски денеска учествуваше на видеоконференцијата на Самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, на која се расправаше за соработката на актуелни прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со коронавирусот.
На видеоконференцијата, премиерот Спасовски беше придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а на неа учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.
Во контекст на состојбата со коронавирусот и на тоа што земјава презема за спречување за спречување на ширењето, Спасовски кажа дека е потребно заедништво на сите земји од регионот, но и од Европската Унија.
„Република Северна Македонија прогласи кризна состојба во две општини. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на коронавирусот. Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акцискиот план за оперативна имплементација на одлуката за постоење кризна состојба се на терен“, рече Спасовски.
Заканата од пандемијата со која се соочуваме, според него, ја покажува важноста на меѓународната соработка. Светот, вели тој, е поврзан, а поврзаноста е еден од најсилните аргументи и причини за силни економски врски, за слободен пазар и за слободна комуникација и соработка. На тие основи, потенцира е поставен и економскиот и социјалниот напредок на секоја земја.
„Затоа, сега е исклучително важно и за заеднички решенија за заедничкиот предизвик. Заедно, сите влади во светот да работат на заштита на економиите, на проширување на јавните инвестиции и на обезбедување поддршка за најранливите. Ниту една земја не може да го стори тоа сама. Секако, сега е најважно пандемијата да се стави под контрола, а потоа и да се запре. Сега сме во критичната точка во однос на глобалниот одговор на ковид-19. Затоа треба сите да се вклучиме за да го задржиме светот безбеден. Овие активности вклучуваат брзо откривање на случаи, запирање на преносот на вирусот и грижа за засегнатите“,
потенцира Спасовски во обраќањето.
Тоа, додаде тој, се вредности на Европската Унија и на земјите со аспирација да бидат членки на Унијата кои не смееме да дозволиме да бидат доведени во прашање пред ниту една закана.
„Отворањето на пристапните преговори ќе биде во согласност и со новата методологија за проширување како стратегија на Европската комисија за зајакнување на процесот на пристапување и за кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан. Дозволете ми да завршам велејќи дека планот на ЕУ за регионот треба да биде – не одложувајте повеќе! Без разлика на актуелната криза“,
рече Спасовски.