Бесмислено е да коментирам изјави на политички лидери. Јас многу пати сакав да чујам ставови од Мицкоски како лидер на опозиција за многу прашања, но се уште за жал не можеме да чуеме ставови и воопшто не ми е чудно што тој не може да разбере кога одреден политичар има свој став, рече Спасовски коментирајќи ја денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Јас сум политичар кој јасно и гласно го кажал својот став. Ако секој од политичарите има одговорност и ги кажува јасно ставовите, тогаш државата ќе оди напред, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, коментирајќи ја денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу законот за амнестија.
Спасовски посочи дека многу пати сакал да чуе ставови од Мицкоски како лидер на опозицијата.
„Бесмислено е да коментирам изјави на политички лидери. Јас многу пати сакав да чујам ставови од Мицкоски како лидер на опозиција за многу прашања, но се уште за жал не можеме да чуеме ставови и воопшто не ми е чудно што тој не може да разбере кога одреден политичар има свој став“,
рече Спасовски вечерва, во одговор на новинарско прашање при посетата на полициските службеници кои работат на терен кај ТЦ „Бисер“.
Коментирајќи ја изјавата на Спасовски од саботата дека во моментот не е потребно носење на закон за амнестија затоа што нема да има никакви конкретни ефекти и нема да ја смени состојбата со пренатрупаноста на затворите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече „министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски или нека молчи или нека поднесе оставка и нека ја напушти Владата веднаш ако не се согласува со предложениот закон за амнестија“.
Викендов министерот Оливер Спасовски кажа и дека покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветен, првиот човек на МВР вели дека наместо амнестија државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ неколкупати најави дека нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија. Викендов, пак, лидерот на партијата кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти парламентот доколку законот се стави во собраниска процедура со европско знаменце.
Денеска, пак, од собранието рекоа дека Владата до нив го испратила предлог-законот за амнестија.
Законот е предложен да се носи по скратена постапка, а претседателот на Собранието веќе го доставил до пратениците.
Предлог-законот за амнестија што го предлага министерот за правда Кренар Лога ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во С Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјава, согласно ратификуван меѓународен договор.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Предлогот на законот не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.