Сатисфакција би била можната кандидатура за претседател на државата, но последниот збор го има партијата и тоа го почитувам, вели универзитетскиот професор во интервју за весникот „Коха“
Може да потврдам дека повеќе месеци наназад моето име е дел од анкетите што се прават во ВМРО-ДПМНЕ поврзани со евентуалната моја претседателска номинација. Како што и самата партија потврди во повеќе наврати, на почетната листа од 20-ина личности се наоѓа и моето име, а во меѓувреме таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име. Ова во интервју за весникот „Коха“ го открива универзитетскиот професор и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски.
„Овој исход претставува сатисфакција во два дела: прво, тоа претставува валоризација на моите ставови; второ, овој одличен резултат е постигнат без какви било заткулисни сугестии, лобирања или влијанија во самата партија“,
вели Спасеновски додавајќи дека официјално сè уште нема разговарано со лидерот Христијан Мицкоски во врска со претседателските избори и евентуалната негова кандидатура.
Тој нагласува дека внатрепартиската дебата се приближува до финалето, а какви ќе бидат резултатите од таквата дебата, не може со сигурност да потврди.
„Но знам дека заедно со нашиот тим во континуитет трпеливо го афирмираме нашиот поглед на нештата и веруваме во исправниот карактер на нашите идеи. Јасните сигнали на поддршка на – верувам ‘тивкото мнозинство’ членови на партијата се убава потврда за ова што го говорам. Сосема на крај, да заклучам: сатисфакција би била можната кандидатура за претседател на државата, но последниот збор го има партијата и тоа го почитувам“,
вели Спасеновски во интервјуто за „Коха“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е неспорниот победник на следните парламентарни избори.
„Тоа е факт кој никој не го спори. Она што е непознато е големината на таа победа од која ќе зависат следните потези во однос на коалицирањата. Тука, пак, сакам да истакнам дека изминатите години ВМРО-ДПМНЕ трпеливо го подобрува својот коалициски капацитет, имиџ и односи со албанските партии“,
посочува универзитетскиот професор.
На прашањето, дали има можност за широка влада со или без ДУИ, коалиција со албанската опозиција или евентуална коалиција со Левица, Спасеновски потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ на последниот конгрес во 2021 година усвои нова партиска доктрина со која јасно декларираше дека ќе негува т.н. заеднички, односно уставен патриотизам (а, не само етнички патриотизам), што, според него, претставува сериозен демократски исчекор кој заслужува да се одбележи.
„Оваа формулација треба да се разбере како залагање оваа партија да биде изборот за кој ќе се определат не само Македонците, туку и Албанците, но и Турците, Власите, Бошњаците, Ромите, Србите и останатите. Заедничкиот патриотизам претставува поврзување помеѓу сите граѓани во однос на важни точки како што е образованието, здравството, науката, прогресот и економијата кои се во целосна спротивност со старите теми кои внесуваат раздор и кои се злоупотребуваат од разни страни кога им е тоа потребно. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ има и јасна проевропска ориентација која треба уште повеќе и уште поотворено да се афирмира за да не се остави простор за неосновани обвинувања од противниците“,
дециден е Спасеновски.
Како што објави „360 степени“ лани во ноември, пратеничката и професорка по уставно право Гордана Силјановска-Давкова и поранешниот пратеник и професор по уставно право Александар Спасеновски се две од имињата што во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вртат како можни претседателски кандидати на изборите што треба да се одржат годинава.
Двајцата универзитетски професори од катедрата на Правниот факултет, Силјановска-Давкова, која сега е во пензија, но е актуелен пратеник во Собранието и Спасеновски, поранешен пратеник во парламентот, сега актуелен универзитетски професор, се дел од листата со 22 имиња за кои партијата го мери рејтингот како потенцијални кандидати за иден претседател на државата.