Чамецот со двете момчиња некотролирано се оддалечил од брегот на езерото кај „Женска плажа“ во Струга. Членови на веслачкиот клуб „Црн Дрим“ не успеале да го вратат на брегот поради силниот ветер. Во акцијата се вклучиле полициски тимови, а момчињата безбедно се вратени на копно
Две малолетни момчиња денеска околу 9:35 часот запловиле со чамец во Охридското Езеро, но набрзо чамецот неконтолирано се оддалечил од брегот во правец на границата со Република Албанија. Како што соопшти полицијата, настанот се случил кај „Женска плажа“ во Струга.
Интервенирале припадници на полицијата и членови на веслачкиот клуб „Црн Дрим“ – Струга кои го пронашле чамецот со момчињата, кои се во добра здравствена состојба. Со службен пловен објект безбедно се пренесени до брегот на езерото.
„Денеска во 09.35 часот во полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’, од веслачки клуб ‘Црн Дрим’ од Струга било пријавено дека во водите на Охридското Езеро, на два километри од брегот, наспроти ‘Женска плажа’, неконтролирано се оддалечува чамец за веслање со двајца малолетници во правец на државната граница со Република Албанија“,
информираат од МВР.
Според пријавеното, претходно членови на веслачкиот клуб се доближиле до чамецот, но поради силниот ветер не можеле да го извлечат на брегот.
Потоа, полициски службеници од полициските станици за граничен надзор „Охридско Езеро“ и „Франгово“, како и членови на веслачкиот клуб, го пронашле чамецот со момчињата на еден километар наспроти хотелот „Изгрев“ во Струга и со службено пловно средство безбедно ги пренеле на езерскиот брег.