Пријавата дека е изгубен лицето ја испратило на германската служба за помош на пат бидејќи немал македонски телефонски број

Германски државјанин што бил изгубен на планината Скопска Црна Гора, вчера бил пронајден во координирана акција на повеќе македонски институции, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пријавата дека е изгубен лицето ја испратило на германската служба за помош на пат бидејќи немал македонски телефонски број. Лицето било изгубено во близина на селото Блаце, на планината Скопска Црна Гора во правец кон селата Брест и Танушевци.
Со пријавата во Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) дека е изгубен 70-годишен германски државјанин, којшто зборувал и турски јазик, биле дадени и координати на местото каде што се наоѓа лицето.
Кога човекот пријавил во германската служба за помош на пат дека е изгубен, ги информирал и дека немал јадено еден ден и оти е уплашен за својот живот во планината.
Откако од АМСМ биле известени во ЦУК, тие воспоставиле телефонски контакт со полициските станици во Мирковци и во Танушевци и ги информирале дека според пријавените координати за изгубеното лице, можно е да се наоѓа во непристапен терен, за што ќе има потреба од теренско моторно возило за да се стаса до него.
Потрагата по изгубениот германски планинар завршила во 19:30 часот, додаваат од ЦУК.
Според информациите што ги добиле, од ЦУК велат дека изгубеното лице претходно било заглавено на планинскиот пат со патничко моторно возило „тигуан“ со германски регистарски ознаки.
Според дополнителните информации, лицето продолжило да се движи пеш кон некоја куќа што ја забележал додека се стемнувало, а која била на околу 15 километри оддалеченост од него. Но, тој не стигнал до неа и се изгубил, а потоа пријавил до германската служба за помош на пат.