„Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“, се наведува во делот од заклучоците посветени на земјава по денешниот заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК)
Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) по денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК), а во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што неделава се одржува во Брисел, ја повикаа Северна Македонија за го забрза спроведувањето на уставните измени потсетувајќи дека станува збор за обврска што државава ја презела во насока на евроинтеграциите.
Во заклучоците за проширувањето усвоени од Советот, се поздравува определбата на новата Влада дека интеграцијата во ЕУ е нејзина стратегиска цел, но потсетува на сè уште неспорведените уставни измени.
Повторувајќи го повикот до Северна Македонија да го забрза спроведувањето на измените, Советот, се вели во заклучоците, ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом земјава ќе ја спроведе својата обврска, во согласност со нејзините внатрешни процедури.
„Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“,
се наведува во делот од заклучоците посветени на земјава.
Во таа насока, Советот, ги охрабрува сите партии во македонското Собрание на меѓупартиска соработка, со фокус на напредокот во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.
Советот, исто така, го поздравува нивото на подготовка на Северна Македонија во клучните области, но забележува дека сè уште се потребни постојани и решителни чекори за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ. Ова особено се однесува на областите на основните вредности и владеењето на правото, каде што, како што се вели во заклучоците, е постигнат само ограничен напредок.
Се нагласува и дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација.
„Советот потсетува на важноста од постигнувањето видливи резултати од имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително и на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговарачката рамка“,
се додава во заклучоците.
Пофалби од Советот за земјава има за доследната соработка на земјата со Унијата околу прашањата поврзани со надворешната политика, односно цврстата и долгогодишна целосна усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и за рестриктивните мерки, што се оценува како моќен сигнал за стратегиска посветеност на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„Советот, исто така, го поздравува континуираното активно учество на Северна Македонија во мисиите и операциите на Европската Унија во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и новото безбедносно и одбранбено партнерство меѓу ЕУ и Северна Македонија, кое го отвора патот за зголемена соработка во клучните области“,
се наведува во заклучоците на ГАК.
Реформите во судството и јавната администрација, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал се меѓу клучните области на кои се осврнува Светот во заклучоците, каде се наведува дека земјава треба да испорача независност, професионализам, ефикасност и непристрасност на судството и реформа на јавната администрација.
Во насока на реформите во Судскиот совет се посочува дека тој треба да биде зајакнат во согласност со препораките на Оценската мисија на Европската Унија од минатата година, додека за борбата против корупцијата и организираниот криминал треба да биде зајакната.
Советот, се вели, и понатаму е сериозно загрижен за измените на Кривичниот законик (од септември минатата година, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво. Во таа насока, Советот ја повикува Северна Македонија да усвои нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Советот, исто така, го обновува својот повик до Северна Македонија дополнително да ги зајакне основните права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците, слободата на медиумите и слободата на изразување, се додава во текстот.
Се посочува дека и покрај тоа што го поздравува тоа што парламентарните и претседателските избори одржани годинава беа конкурентни, Советот сепак забележува дека е потребен понатамошен напредок во изборните реформи, врз основа на вонредните препораки од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
Во заклучоците се нагласува и дека Советот ја поздравува земјава за континуираната добра соработка во однос на справувањето со миграцијата, управувањето со границите и усогласувањето со визната политика на ЕУ.
„Во однос на економските критериуми, Советот го поздравува доброто ниво на подготовка и одредениот напредок постигнат од Северна Македонија во развојот на функционална пазарна економија и ја охрабрува да продолжи со напорите да напредува во нејзиниот капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили во Унијата и да ги спроведе неопходните структурни реформи“,
се вели во текстот на заклучоците за проширувањето.