Советот на јавни обвинители на својата веб-страница објави дека за четврток (22 април) е закажана седница на која треба да се изберат 5 обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и исто толку во Вишото јавно обвинителство во Скопје.
Огласот кој беше распишал лани, заврши пред околу осум месеци.
Според податоците објавени на официјалната страница на Јавното обвинителството, во моментов Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, заедно со шефицата Вилма Русковска брои 10 обвинители, а Вишото јавно обвинителство Скопје има осум обвинители што значи доколку бидат избрани тие би имале по 15 односно 13 обвинители.
Новиот кадар во овие две обвинителства ќе се избере од редовите на веќе постоечките обвинителства, кои се хиерархиски се од понизок ранг. Законот за јавно обвинителство предвидува дека за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку четири години како јавен обвинител и е оценет со позитивна оценка во последните две години. Услов за избор во вишо обвинителство, пак, е стаж од шест години и позитивна оценка во последните три години.