Даниел Димевски, кој беше на листата надворешни соработници на експремиерот Зоран Заев, ќе биде под лупата на Антикорупциската комисија која оформила предмет за него поради закуп на спортската сала „Кале“.
„Врз основа на добиени сознанија, ДКСК одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ, Даниел Димевски, кој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице ‘Турдолимпик’ ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ ‘Кале’ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот“,
велат од Антикорупциска.
Станува збор за договор од минатата година.
На листата надворешни соработници на експремиерот, Димевски се водеше како соработник за прашања во областа на спортот и негово унапредување.