Министерството за здравство, во соработка со УНФПА и ХЕРА, изготви препораки и брошура за трудници со совети за грижата за нивното здравје и превенција од ковид-19, кои се симптомите на коронавирусот, што доколку се заразат со коронавирус, дали трудниците се во поголем ризик од останатите, дали вирусот може да се пренесе на нивното бебе и други корисни информации.
Исто така, изготвени се и нови препораки за здравствените работници за постапување со бремени пациентки за време на пандемијата со ковид-19, за нивно правилно информирање и соодветно следење во текот на бременоста, како во периодот по породувањето.
Во нив се содржани совети за превенција од ширењето на инфекцијата, како и оптимизација на прегледите на бремените жени за да не се изгубат придобивките од редовните контроли, а по потреба да се намали нивниот број и да се обезбеди превенција од заразување на пациентката со ковид-19.
Во рамки на препораките се вклучени и неколку алгоритми за олеснета прегледност на постапките, кои треба да се преземат кај пациентките суспектни или со потврдена инфекција со коронавирусот, и тоа во тек на антенаталните контроли, тријажа на пациентки со симптоми за ковид-19, хоспитализација на ризични пациентки, начин на завршување на породувањето и постпородилниот период.
Брошурите за бременост и коронавирусот се објавени на македонски и албански јазик, исто како и оние за ковид-19.