Треба да се бараат посовремени начини за создавање долгорочна стратегија за развој на добрососедските односи, според Извршниот одбор на Советот на амбасадори
Многу пати повторената констатација на ЕК дека на земјите од Западен Балкан местото им е во Унијата, без конкретни резултати, е неисполнување на очекуваните обврски на ЕУ со што се нарушува и кредибилитетот на Унијата, оценува Советот на амбасадори на Северна Македонија.
Советот, се вели во соопштението од Извршниот одбор, смета дека институциите на ЕУ не треба да станат форум каде што ќе се дебатира за историски прашања на народите, туку место каде ќе се расправа за продлабочување на пријателството меѓу народите, сеопштиот економски, социјален и културен просперитет, успешната борба против меѓународниот тероризам и искоренување на пандемијата на ковид- 19.
„Нема недостиг на соработка и големи разлики во ставовите меѓу политичките чинители во земјата во однос на надминување на овој сериозен политички проблем и треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија за развој на добрососедските односи. Советот на амбасадори и во оваа прилика ја изразува својата подготвеност да придонесе во осовременување на стратегијата за дијалог, бидејќи досегашната, по сите параметри, не ги даде очекуваните резултати“,
се вели во соопштението.
Советот на амбасадори, како што се наведува, со големо разочарување ја прими одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија да не препорача одржување на првата меѓувлaдина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, поради понатамошното силно и неразбирливо спротивставување на само една земја членка на Унијата, соседна Бугарија.
„Ова е една од повеќето неправди што ѝ се нанесени на нашата земја на нејзиниот пат кон евроинтеграциите од нејзиното осамостојување до денес, иако земјата секогаш ревносно ги исполнува поставените барања од Унијата во делот на реформите во многу области на живеењето. Советот жали што овој пат С Македонија и нејзините досега стабилни добрососедски односи со Бугарија на непримерен начин станаа дел од предизборната кампања во оваа земја членка на Унијата, преку барања кои беа во спротивност со европските вредности, стандарди и принципи на дејствување“,
се вели во соопштението од Советот на Амбасадори