Покрај вакцинација на овците, од Сојузот на одгледувачи на овци бараат формирање посебен фонд за обесштетување на сточарите чии грла се угинати. Меѓу барањата на Сојузот е и властите да отворат нови пазари, доколку причината поради која не се спроведува вакцинацијата е евентуална забрана за извоз во Европската Унија
Алармантна е состојбата со сипаниците кај малите преживари – велат од Сојузот на одгледувачи на овци и бараат државата побрзо да ја организира вакцинацијата на овците. Досега, како што порачаа на денешната прес-конференцијата пред Владата, се угинати 7 000 до 10 000 овци, уништени се 40 до 50 стада, секој ден има нови жаришта, а некои сточари ги носат грлата на добиточните пазари без да знаат дали се заболени.

Најкритично е во Источниот Регион на земјава, рече претседателот на Сојузот, Насер Џемаили, посочувајќи дека во Штипско се зафатени 70 до 80 проценти од стадата. Тој вели дека неретко се случува угинати грла со недели да лежат во дворовите на сопствениците зашто нема кој да ги однесе. Некои од одгледувачите, пак, вели Џемаили, самите се снаоѓаат и приватно ги вакцинираат овците, без да се знае квалитетот на вакцините.
Додава дека Сојузот досега одржал повеќе состаноци со Агенцијата за храна и ветеринарство, Ветеринарната комора и Земјоделскиот факултет, но без заклучоци.
„Утрово ни се јави министерот, нè извести дека договарале вакцина преку Амбасадата на Турција. Чекаме што побрзо да се донесе за да ги куртулиме стадата. Во Македонија сега има околу 250 000 до 300 000 овци, а досега од сипаници угинаа 7 000 до 10 000 илјади, а можеби повеќе. Институциите како да не го сфаќаат ова сериозно“,
изјави претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци.
Бараат да се формира посебен фонд за обесштетување на сточарите чии грла се угинати и да им бидат исплатени субвенции за оваа година за, како што велат, сточарските семејства повторно да застанат на нозе. Доколку причината поради која државата не ја спроведува вакцинацијата е евентуална забрана за извоз во ЕУ, тогаш, сметаат сточарите, властите треба да отворат нов пазар, како случајот со Србија.
„Државата нека се потруди и нека ни отвори нови пазари. Србија во мај отвори пазар за извоз во Алжир. Ако не ни дозволи Европска Унија, ако тоа е цената за да ги спасиме нашите овци и да го спасиме овчарството во Македонија, нека се потрудат и нека ни најдат нови пазари. Единствениот аргумент да не ја спроведеме вакцинацијата е можеби тоа што Европската Унија ќе ни даде забрана за извоз. Меѓутоа, ни тука нема официјални податоци, зошто реално ниту месото од болеста е штетно по луѓето, ниту месото после вакцинација“,
изјави Милена Величковиќ, одгледувачка на овци од Куманово и членка на Управниот одбор на Сојузот.
Според неа, за вакцинацијата се преговара повеќе од еден месец.
