Ситуацијата со коронавирусот во земјата е стабилна и се очекува дека во следниот период епидемиолошката слика нема да се промени. Како што информира Министерството за здравство, бројот на приеми во ковид-центрите во изминативе денови се намалува.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација се зголемува, а според објавените податоци бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 438 879 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 243 832 граѓани.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Филипче вчера информира дека од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500 000 вакцини „Синовак“.
„Секој понеделник пристигнува пратка на вакцините ‘Фајзер’ и тоа е согласно нашиот билатерален договор, дополнет со количината која доаѓа преку системот за солидарност на земјите членки на ЕУ, тоа се околу 10 000 вакцини. Веројатно и следните недели ќе биде таа количина. Дополнително, во јуни треба да пристигнат околу 100 000 вакцини преку КОВАКС механизмот. Сè уште немаме точен датум и динамика на пристигнување на вакцините. За руските вакцини уште немаме информации кога треба да ги очекуваме“,
соопшти Филипче.
И рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин вчера соопшти дека очекува во блиска иднина да пристигнат нови пратки на вакцината „Спутник В“ во земјава.
Како што нагласи тој, одговарајќи на новинарско прашање, руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на вакцините во рокот утврден со договорот.
„Распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна. Сепак, Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции околу испораките на вакцините. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на ‘Спутник В’“,
рече вчера амбасадорот по пристигнувањето на авионот на новата воспоставена авиолинија Москва-Скопје.
Тој потсети дека Руската Федерација планира на земјава да испорача 200 илјади дози „Спутник В“.
