Денеска министрите за надворешни на НАТО ќе разговараат за следните чекори, додека и натаму воено се засилува источниот фронт на Алијансата
Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО заедно со Финска, Шведска и ЕУ денеска се состануваат вонредно во Брисел да се координираат за следните чекори пред засилената руската агресија во Украина.

Денеска министрите за надворешни на НАТО ќе разговараат за следните чекори, додека и натаму воено се засилува источниот фронт на Алијансата.
Едно од клучните прашања што се поставува е воведување зона за забрана на летови врз украинското небо за да се заштитат цивилите од руските бомбардирања, што го бараат украинските власти.
Но ова за НАТО претставува преголем ризик од директна конфронтација со Русија и шансите се мали да се преземе таков чекор, според изјавите на некои министри на НАТО пред почетокот на состанокот.
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли, меѓу другите, изјави дека црвената линија на НАТО е да не се предизвика меѓународен конфликт и дека денеска ќе се дискутираат сите сценарија.
Сојузниците ќе разговараат за зајакнувањето на источниот дел на Алијансата, а во најава се дискусии и за дополнително зголемување на буџетот за одбраната во земјите членки.
Ова го соопшти романскиот министер Богдан Ауреску утрово.
„Треба да се размисли одново сѐ, а тоа зголемување на буџетската стапка од два на 2,5 отсто почнувајќи од идната фискална година“,
рече Ауреску додавајќи дека НАТО треба да ја приспособи својата положба за да може да одговори на тоа што го прави Русија, бидејќи ситуацијата е различна од 2014 година.

Шефот на Алијансата и американскиот државен секретар пак повторија дека НАТО нема да учествува директно во конфликтот, но доколку има каква било закана за земјите членки на Алијансата, таа ќе одговори соодветно.
„Нашата Алијанса е дефанзивна, но ако конфликтот дојде кај нас подготвени сме да ја одбраниме секоја педа на територијата на НАТО“,
изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.