Сè побројни се и повиците до потпретседателот Мајк Пенс и претседателскиот кабинет да се повикаат на амандманот 25 од Уставот на САД и да го прогласат Трамп за неспособен, со што Пенс би ја презел функцијата
По вчерашниот упад во Капитол Хил, почнаа да се редат оставки од соработниците на сè уште актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, а се нижат и повиците за негово отстранување.
Министерката за транспорт, Елејн Чао, ја даде првата министерска оставка.
Упадот во Капитол Хил, по вчерашното обраќање на Трамп, таа го оцени како трауматичен и сосема непотребен настан.
„Како што сум сигурна дека е случај и со многу од вас, тоа длабоко ме вознемири на начин на кој едноставно не можам, а да не направам нешто“,
напиша Чао во обраќањето до нејзините колеги од министерството.
It has been the honor of a lifetime to serve the U.S. Department of Transportation. pic.twitter.com/rFxPsBoh6t
— Sec. Elaine Chao (@SecElaineChao) January 7, 2021
Таа истакнува дека нејзината оставка стапува на сила од понеделник, 11 јануари, и нагласува дека е горда на досегашните достигнувања. Исто така, таа испраќа порака дека ќе помогнат во преземањето на одговорностите од страна на нејзиниот наследник, Пит Бутиџиџ, кого Бајден најави дека ќе го номинира за да го води овој ресор.
Оставка претходно поднесе и главниот советник на Трамп за односите со Русија, Рајан Тули. Се повлече и Мик Мулвани, кој е специјален пратеник на САД во Северна Ирска, а е и поранешен шеф на кабинет на Трамп.
„Синоќа го побарав државниот секретар Мајк Помпео за да го известам дека се повлекувам. Не можам да го правам тоа. Не можам да останам“,
изјавил Мулвани за „Си-ен-би-си“.
Оставки дадоа и: шефицата на канцеларијата на првата дама, Мелани Трамп, Стефани Гришам, која еден период беше и портпаролка на Белата куќа; менаџерката за социјални работи во Белата куќа, Ана Кристина Никета; и заменик-портпаролката Сара Метјуз.
Покрај оставките, се побројни се и притисоците Трамп да се отстрани од функцијата и да не го дочека крајот на мандатот – 20 јануари.
Ненси Пелоси, која е редовите на демократите, а пред неколку дена беше избрана за уште еден мандат за претседателка на Претставничкиот дом на САД, повика на итно разрешување на Трамп според амандманот 25 од американскиот Устав кој им овозможува на членовите на кабинетот на претседателот да го симнат од функцијата поради неспособност да ја извршува истата.
Повикот таа го упати кон потпретседателот Мајк Пенс.
„Трамп е многу опасна личност за Американците и американската демократија и не треба да продолжи да биде и понатаму на функцијата. Доколку потпретседателот не го преземе тој чекор, Конгресот е подготвен да поведе постапка за импичмент“,
рече Пелоси.
На истото повика и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер. Упадот во Капитол Хил тој го нарече „востание против САД, поттикнато од претседателот“.
„Овој претседател не треба да ја извршува функцијата ниту ден подолго“,
наведува Шумер, кој исто како и Пелоси порачува дека ако Пенс и кабинетот не го направат тоа, тогаш Конгресот треба да поведе импичмент.
„Ројтерс“ објави дека отстранување на Трамп според амандманот 25 поддржуваат барем уште еден републиканец и 19 демократи од Претставничкиот дом.
Според овој амандман, претседателот се отстранува од функцијата ако се смета дека е неспособен да ја извршува и овластувањата преминуваат во рацете на потпретседателот, во случајот Мајк Пенс. Ваквата можност досега не била користена во американската историја. Таа предвидува дека Пенс не може сам да го отстрани Трамп, туку треба да добие поддршка од мнозинството министри. Кога би ја добил поддршката тој би станал в.д. претседател. Процедурата понатаму предвидува и вклучување на Сенатот доколку претседателот негира дека е неспособен, но до тоа во конкретниот случај нема да дојде бидејќи за само две недели (на 20 јануари) Бајден ќе ја преземе функцијата.