Основното јавно обвинителство Скопје пред малку објави дека поднело вкупно шест обвинителни акти и еден обвинителен предлог против вкупно 7 лица, за сообраќајната несреќа на автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кај с.Ласкарци во февруари годинава. Во несреќата загинаа 16 лица а 38 се здобија со повреди. Според соопштението, ова е листата на обвинети лица и причините поради кои Обвинителството ги товари за несреќата.
1. Сопственикот на „Дурмо Турс“
2. Одговорно лице за возен парк во „Дурмо Турс“
Според ОЈО Скопје, газдата на „Дурмо Турс“ бил единствениот кој поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници.
„Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата, со што постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во исто време, тој не организирал ниту вршел контрола над целокупното работење на превозникот, не ги запознал возачите за придржување кон одредбите од Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај, не обезбедил редовно преземање на податоците од тахографот и не водел евиденција и проверка на времето на управување со возилата за секој возач посебно. Иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Притоа, во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот… На овој начин двајцата се обвинети дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.2 од Кривичниот законик. “
се вели во соопштението од ОЈО Скопје
3. Вработен во станицата за технички преглед „Дурмо турс“
4. Вработен во станицата за технички преглед „Дурмо турс“
5. Вработен во станицата за технички преглед „Дурмо турс“
Тројца вработени во станицата за технички преглед која е сопственост на превозникот „Дурмо турс“ се обвинети за соизвршителство во кривичното дело– Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.299 ст.1 од Кривичниот законик. Тие знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, па сепак го пуштале да го помине техничкиот преглед.
„Ним им бил доверен надзорот врз состојбата и исправноста на автобусот, но заеднички, со несовесно вршење на должноста при задолжителен технички преглед, предизвикале опасност за животот и телото на патниците. На 02.07.2018 година, при редовен периодичен шестмесечен технички преглед, воочиле дека е неисправен ABS системот и дека постои недоволна ефикасност на кочењето од 32%, како и разлика од 56% меѓу силите на кочење меѓу левото и десното тркало на втората кочница од втората (погонска) оска. Сепак, во записникот за технички преглед не ги навеле овие неисправности и со свој потпис и печат го завериле записникот за технички преглед, прогласувајќи го возилото за технички исправно. При следниот технички преглед на 18.12.2018 година тие воопшто не го прегледале уредот за сопирање, за кој претходно знаеле дека е неисправен. Повторно изготвиле записник за технички преглед и потврда во кои навеле дека возилото е технички исправно. “
се вели во соопштението од ОЈО Скопје
6. Возачот на автобусот
На возачот на автобусот му се става на товар дека сторил кривично дело, бидејќи го управувал автобусот со неприлагодена брзина.
„Тој го управувал автобусот со 55 патници во него, по средната сообраќајна лента од автопатот „Мајка Тереза“, во правец од Скопје кон Тетово. Кога дошол во близина на селото Ласкарци, при изминување на благ свиок во десно, возел со недозволена брзина од 99 км/час. Притоа брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината. Заради преголемата брзина, изгубил контрола над управувањето со автобусот, започнал лачна траекторија на движење во лево, преминал на левата сообраќајна лента и со предниот лев страничен дел од автобусот удрил во металната заштитна ограда. Преминал преку оградата и продолжил неконтролирано да се движи најпрвин преку средишното зеленило кое ги раздвојува двете сообраќајни ленти, преминал преку заштитната ограда за сообраќајната лента во спротивна насока и преку коловозот во спротивна насока. За ова време успеал да ја намали брзината на автобусот на 67 км/час пред да удри во последната заштитна ограда, но поради недозволената брзина и недоволно ефикасниот систем за кочење, излетал со автобусот 5,5 метри под нивото на автопатот, се излизгал преку регионалниот пат Скопје-Тетово и се превртел на покрив на земјена и тревна површина покрај патот. “
тврди ОЈО Скопје
За сите шест лица за кои има обвинителен акт, Обвинителството побарало притвор. Досега, тие беа во куќен притвор.
7. Н.Н. лице
ОЈО Скопје, додава дека е поднесен и еден обвинителен предлог против едно лице кое не е именувано ниту со иницијали ниту пак каде е вработено. Обвинитлениот предлог значи дека се товари за дело за кое е предвидена казна затвор помала од пет години.
„ Овој обвинет, како одговорно лице во правното лице задолжено да врши проверка и контрола над работата на тахографот во автобусот, иако утврдил дека постои вграден уред за манипулација на апаратот, издал потврда и пополнил налепница со која ја потврдил исправноста и сообразноста со законски пропишаните барања. На овој начин тој очигледно несовесно постапил при вршењето на своите овластувања и овозможил на фирмата-превозник и на одговорното лице во неа да поседуваат доказ за исправноста на тахографот“,
велат од ОЈО Скопје