На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори, сега исто така му е зголемена казната на 10 години, додека казната за возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, останува 14 години
Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и донесе мериторна одлука со која на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци од пред шест години им ги зголеми затворските казни, што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.

Меѓу обвинетите кои добија повисока казна е и Дурмиш Белули, сопственикот на фирмата „Дурмо турс“, чиј автобус на 13 февруари 2019 година излета од коловозот, при што загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.
Според одлуката објавена денеска, казната од четири години затвор, што Кривичен му ја изрече на Белули, Апелација ја зголеми повеќе од двојно, односно на 10 години. На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори, сега исто така му е зголемена казната на 10 години.
Двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, наместо првостепените пет, сега се осудени на по седум години затвор.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски остануваат исти – пет, односно 14 години казна затвор.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-979/24, во јавноста познат како ‘Ласкарци’, по одржана јавна седница на 02.04.2025 година, а по спроведено советување и гласање на нејавен дел од седницата на ден 17.04.2025 година, донесе пресуда со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетите Д. Б. од с. Б. Г, И. Ѓ. од Г., Г. Д. од Г., Ј. Б. од Г., а делумно ги уважи жалбите на обвинетите Р. М. од с. Ч. Г. и М. Т. од Г. и делумно ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, на начин што: Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи према обвинетите Д. Б. од с. Б. Г, И. Г.од Г., Г. Д. од Г., Ј. Б. од Г. во делот на кривичната санкција, за обвинетиот Р. М. од с. Ч. Г. по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и висината на истата и за обвинетиот М. Т. од Г. по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и се осудуваат: обвинетиот Д. Б. од с. Б. Г. на казна затвор во траење од 10 – десет години; обвинетиот Р. М. од с. Ч. Г. на казна затвор во траење од 10 – десет години, обвинетиот И.Ѓ. од Г. на казна затвор во таење од 7-седум години; обвинетиот Г.Д. од Г. на казна затвотр во траење од 7-седум години и обвинетиот М.Т. од Г. на казна затвор во траење од 14- четиринаесет години“,
стои во соопштението на Апелацискиот суд Скопје.
Истовремено, второстепениот суд, под став два од одлуката, со решение ги уважило жалбитe на оштетените во однос на решението за трошоци кое Апелација го укина и предметот во тој дел го врати на повторно постапување пред првостепениот суд.
„Жалбите на оштетените по однос на одлуката за имотно правно барање ги отфрли како недозволени, согласно член 411 став 4 од Законот за кривична постапка“,
се додава во соопштението од Апелација.
Со првостепената пресуда, што беше објавена лани во јануари, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор.
Пресудата ја изрече судијката Диана Груевска-Илиевска која претседаваше со судечкиот совет во предметот. Таа, откако ги прогласи за виновни и пред да ги соопшти казните, ги образложи дејствијата за кои се товареа секој од обвинетите.

Автобуската несреќа на која се однесува овој судски процес се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 38 беа повредени. Во попладневните часови на кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар. Судскиот процес започна истата година, односно на 5 септември, кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Дурмиш Белули.