Рајчев, пак, негираше и рече дека ниту го познава сопственикот на „Доказ“ ниту некогаш го читал и следел порталот. За барањето на Стаменковски, треба да одлуки шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Хајрулахи

Во Апелацискиот суд Скопје денеска се одржува јавна седница за првостепената пресуда за сопственикот на парапорталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, со кој беше осуден на три години и еден месец затвор за повеќе кривични дела.
Седницата започна, но набргу се прекина бидејќи Стаменковски побара да се изземе обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство кое е надлежно да го застапува предметот пред второстепениот суд. Стаменковски тврди дека соработувал со Рајчев на дел од предметите за кои му се суди, односно дека добивал информации од обвинителот.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации кои се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи има барано извинување од мене, но и за други предмети“,
рече Стаменковски.
Рајчев, пак, негираше и рече дека ниту го познава сопственикот на „Доказ“ ниту некогаш го читал порталот.
„Во поглед на искажаното барање, со оглед дека претставува законска основа за поднесување тужба за клевета, ќе наведам дека обвинетиот ниту го знам, ниту го познавам, ниту некогаш сме комуницирале со него на кој било начин и денеска искажаните наводи во целост се невистина. Воедно ќе кажам и тоа дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови, за кои денеска е обвинет, со оглед да немам профили на социјалните мрежи, ниту сум го следел на друг начин“,
изјави Рајчев.
За барањето на Стаменковски сега треба да одлучи шефот на Рајчев, Хајрулахи, за кој обвинетиот објавувал текстови и денеска тврдеше дека добивал информации токму од обвинителот Рајчев. По донесувањето на одлуката, јавната седница треба да продолжи.
Првостепената пресуда за сопственикот на „Доказ“ беше донесена на 4 април, а покрај затворската казна тој доби и парична од пет илјади евра и забрана во наредните 10 години да врши дејствија поврзани со делата, односно да регистрира домен за интернет-портал во земјава, а сите досега регистрирани се бришат.
Тој беше прогласен за виновен за пет кривични дела – две за ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.