Анализите направени од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) покажуваат дека голем дел од училиштата немаат обезбедено технички средства за следење онлајн-настава, но од Министерството за образование и наука уверуваат дека се прават сите неопходни подготовки за успешен старт на учебната година од 1 октомври.

За министерката за образование и наука Мила Царовска, платформата за учење од далечина не бара некои посебни перформанси за да биде ставена во функција во секое училиште и оти е достапна не само на компјутери, туку и на паметни телефони и таблети.
Во моментов трае обуката за користење на платформата во самите училишта.
„Од денеска се спуштаат лозинките за пристапување на учениците кои ќе бидат доставени до директорите и тие треба да ги ги достават на ниво на одделенија за да може полека да влезат во тестирање на платформата и нејзино оптоварување за да ги видиме перформансите. Секако дека многу предизвици стојат пред нас и дека учебната година ќе биде отпочната со надеж дека понатаму ќе можеме да движиме кон она кое што сме го планирале“,
изјави Царовска, која денеска беше на работен состанок со наставниот кадар во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“.
Таа повтори дека за оние ученици кои немаат услови да ја следат наставата онлајн, ќе бидат емитувани 15-минутни емисии на Македонската телевизија.

Царовска останува на ставот дека доколку има промена на епидемиолошката состојба, како Министерство се подготвени да прават приспособувања.
„Најважно е да ја стартуваме учебната година и платформата да профукционира“,
изјави Царовска.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, останува на ставот дека доколку наставниците немаат соодветни услови за работа, и дека нема да можат да почнат со работа од 1 октомври.

„Стојам зад изјавата што ја дадов. Таа се темели врз основа на нашите сондажи кои доаѓаат од училиштата и врз основа на Законот за работни односи каде што се вели дека работодавачите се обврзани да обезбедат услови за работа на работниците. Доколку не би имале што да работиме, како и би работеле. Логично е прашањето, логичен е и одговорот“,
изјави Неделков изразувајќи надеж дека процесот на подготовка ќе заврши навреме.
