„Ако навистина има добар предлог, ние не би спиеле цела ноќ, би работеле со нашето членство за да изнајдеме решение. Но, велам, ако имаме соодветна, коректна понуда која навистина ќе може да помине во членството“, рече претседателот на СОНК во пресрет на средбата со министерот за образование и наука одговарајќи на прашањето дали утре би имало настава во училиштата доколку денеска СОНК и МОН би се договориле по однос на барањата за покачување на платите во образованието
На денешната прес-конференција, во пресрет на средбата во Министерството за образование, на новинарско прашање дали од утре би бил прекинат штрајкот, а училиштата би работеле во полн капацитет доколку денеска СОНК и МОН се договорат за барањата, претседателот на Синдикатот Јаким Неделков истакна оти тоа ќе зависи од повеќе фактори и од тоа колку брзо ќе биде доставен предлогот до синдикалните организации.
„Тоа би значело во поладневните, вечерните часови, за повратно да добиеме одговор од 600 синдикални организации и 20 регионални одбори, сумирани резултати за вечерва, ноќеска, Советот на СОНК да донесе одлука. Теоретски е возможно, но практично сме цајтнот со време. Ајде да бидеме оптимисти – ако навистина има добар предлог, ние не би спиеле цела ноќ, би работеле со нашето членство за да изнајдеме решение. Но, велам, ако имаме соодветна, коректна понуда која навистина ќе може да помине во членството“,
рече Неделков.
Неделков посочи оти со оглед на тоа што денеска и официјално од МОН имаше сериозен пристап кон решавање на овој проблем, посочи дека тоа само по себе им дава право да бидат оптимисти на денешната средба и од министерот за образование да слушнат конкретни предлози во однос на нивните барања.
Три дена се штрајкува, а претходно, рече тој, поминаа и 30 дена во преговори, но не е добиен конкретен предлог на барањето на СОНК.
„Од таа причина убедени сме дека денеска ќе имаме нешто повеќе да и соопштиме на јавноста. Во секој случај, ние сме секогаш отворени за соработка, максимално сме конструктивни и сакаме што побрзо штрајкот да заврши, се во интерес на учениците и на родителите“,
изјави Неделков пред средбата закажана во 15 часот во МОН.