Доколку не дојде до оваа средба, Неделков рече дека на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори

Директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата коишто им се доставуваат од вчера, повика денеска претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Според Неделков, СОНК предлага вистински пат до решение наспроти тој на Министерството за култура кој рече дека е ставање на проблемите под тепих со симболична отштета на вработените во културата од 600 до 2000 денари.
„Не знам како ќе се однесуваат директорите, ќе прават или не плата, апелирам до колегите да не ги потпишуваат решенијата со таква плата, тоа ќе биде доволен сигнал да кажат – не, благодарам, ние не се согласуваме со ваквиот начин на пресметка на плата, нелегитимен е. КД многу јасно кажува како се пресметува плата во дејноста култура во член 86, а во нивното упатство е поинаква методологијата за пресметка на плата што не кореспондира со Колективниот договор“,
рече Неделков на денешната прес-конференција.
Тој рече дека со решенијата за определување плата што се изготвуваат од вчера попладне, директорите се ставаат во многу непријатна ситуација бидејќи СОНК ќе ги обжали и ќе покрене правна постапка против установата односно против директорот.
Очекувањата на Неделков се до крајот на оваа недела да бидат повикани на средба со министерот за култура и туризам Зоран Љутков на која ќе му образложат како е најисправно да се пресмета платата.
„Доколку го послушаат нашиот совет и ги зголемат коефициентите по процедура како што е пропишано по закон помеѓу два односно три социјални партнери да направиме заеднички анекс на колективен договор тогаш повеќе од сигурно е дека колегите од дејноста култура во 2026 година ќе немаат проблем. Остануваме со барање што поитно да се сретнеме со министерот за култура, да ја исправиме грешката со цел колегите од култура што поскоро да ја земат платата, за жал велигденските празници ги поминаа со празна трпеза и да не испадне така и за првомајските празници“,
рече Неделков.
Доколку не дојде до оваа средба, Неделков рече дека на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори.
Неделков вели дека на повидок не е решение на проблемот и додава оти на почетокот на април, водејќи се од искуството во минатите години, му посочиле на Министерството дека може да има проблем во исплатата на платите.
„Проблемот произлегува од недореченоста или лошото толкување на Општиот колективен договор (ОКД) каде платите во јавниот сектор треба во 2023 година да се зголемат за 10 проценти. Овие 10 проценти во 2023 година установите во дејноста култура ги сметаа на бруто-плата така само што додаваа 10 проценти без да се вградат во системот на пресметка на плата. Сега од аспект на минатата 2023 и 2024 година тие 10 проценти само летнаа во воздух и ги нема никаде“,
додаде тој.
Согласно Колективниот договор за култура, Неделков рече дека методологијата за пресметка на плата е многу едноставна – вредноста на минималната плата на национално ниво се множи со соодветен коефициент на сложеност на работно место со додатоци.
„Овие 10 проценти од Општиот колективен договор ги нема никаде и многу е едноставно решението – треба да се вградат во коефициентот на сложеност на работно место“,
рече претседателот на СОНК.
Тој дополни дека со Општиот колективен договор во 2024 година за сите вработени во јавниот сектор платите се зголемени за 0,7 проценти заради инфлацијата во првите шест месеци, но оти повторно во културата овие проценти не биле вградени во системот поради што дополнително треба коефициентот да се зголеми за 0,7 проценти.
Според Неделков, доколку остане упатството што го дало Министерството до вработените од културата, повторно ќе нема системско решение на проблемот, повторно ќе се стави проблемот под тепих, зголемувањето ќе биде паушално и невградено во системот.
„100 проценти сме сигурни дека во 2026 година повторно ќе се видиме на протести или штрајк“,
рече тој.
На новинарско прашање дали во идните чекори е можна одлука за штрајк Неделков одговори дека се е возможно и оти се надева дека нема да дојде до тоа. Возможно е, додаде тој, прво поради доцнење на платата и непочитување на закон и колективен договор што повикува на организирање протести и штрајкови.
Реакцијата на СОНК доаѓа откако вчера министерот Љутков, говорејќи за начинот на кој сега ќе се исплаќа платата, рече дека досега секое исплаќање било незаконско зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значело дека треба сами да си ги обезбедат средствата од внатре. Љутков додаде дека како резултат на тоа се намалувала продукцијата, немало средства за капитални ни за обични инвестиции.
Тој рече оти се надева дека до денеска до 16 часот ќе бидат исплатени платите за март за околу 3 000 луѓе вработени во културата во 120 институции. Тој вели дека околу шест отсто ќе биде во просек зголемувањето на платите кај сите вработени и дека процентот ќе биде согласно двата колективни договора.
По изјавата на Љутков, од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) рекоа дека насоките што ги добиле директорите во институциите за изготвување на мартовската плата за вработените во културата се спротивни на Колективните договори.
СКРМ ги негира тврдењата на Љутков, кој го проблематизира колективниот договор потпишан пред тој да стане министер бидејќи, како што рече, за него немало согласност од Министерството за финансии. Синдикатот го упати министерот да ја прочита одлуката од Уставниот суд што е објавена во „Службен весник“ од 30.10.2024 година, „каде што јасно стои дека таква согласност не е потребна“.
Реакција за изјавите на министерот, денеска имаше и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од каде рекоа дека Љутков ги гази Колективниот договор и правата на културните работници.