Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, денеска реагираше преку социјалните мрежи за неупотребата на националната платформа која Министерството за образование и наука ја најави како унифициран модел за реализирање на онлајн наставата во сите училишта.
Во реакцијата, Ходаи, напиша дека Министерството потрошило 15,5 милиони евра за вебстраница која не е употреблива и додаде дека сепак наставата на далечина се реализира преку Микрософт Тимс, а не преку националната платформа.
На ова подоцна со реакција излезе и МОН, кои велат дека пари не се потрошени и дека националната платформа е целосно бесплатна.
„Онлајн платформата е целосно бесплатна и е производ на заедничка и посветена работа на претставници од ФИНКИ, Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука и за нејзиното создавање не е потрошен ниту еден денар. Платформата е функционална и од почетокот на годината до сега над 80% од учениците од средните и основните училишта успешно ја следат наставата и се задоволни од понудениот модел“,
велат од МОН.
Подоцна, Ходаи, во изјава за Фокус, се дообјасни и рече дека настанала грешка во преводот, тој не мислел дека 15,5 милиони евра се директно потрошени за креаирањето на националната платоформа, но тој процес индиректно повлекува трошоци.
„Националната платформа е бесплатна, но Владата на Република Северна Македонија во август 2020 склучила довор за набавка на софтверски лиценци во вредност од 15,5 милиони евра. Како типови на лиценци, во договорот експлицитно е наведен Enrollment for Education Solutions (Campus) Agreement (EES). Во самиот наслов на оваа лиценца ги има зборовите ‘образовни решенија’. Дополнително, во договорот се спомнува и Микрософт, а сите знаеме дека ова е клучен дел од онлајн наставата“,
вели Ходаи и додава дека иако националната платформа била бесплатно креирана, таа носи свои индиректни трошоци.