Покрај министерот за здравство, на седницата ќе се разгледува и предлогот за нов заменик-министер во ресорот земјоделство
Предлозите на Владата за нов министер за здравство и нов заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство в понеделник на 9 јуни ќе се најдат пред пратениците.

Собранието ја закажа 54 седница за в понеделник во 11 часот, кога пратениците треба да расправаат за предложените имиња на овие функции.

За министер за здравство е предложен Азир Алиу, поранешен министер за информатичко општество и администрација, а за заменик-министер за за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Албрим Хоџа.
Азир Алиу е дел од Алијансата за Албанците, партија која останува во коалицијата ВЛЕН по оставката на досегашниот министер за здравство, Арбен Таравари, на 15 мај оваа година и неговото заминување во опозиција.