Демократскиот сојуз и мандатарот Хоти објавија дека го обезбедиле потребното мнозинство во Собранието откако на 25 март беше изгласана недоверба на владата на Курти
Собранието на Косово денеска ќе одржи вонредна седница, на која треба да се гласа за предлогот на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти, за состав на новата влада .
Претседателството на Собранието одлучи да ја свика седницата за денеска во 11 часот откако во понеделникот Уставниот суд на Косово ја објави одлуката, со која се оцени како уставен потегот на претседателот Хашим Тачи за доделувањето на мандатот на кандидатот од редовите на второрангираната партија од последните избори.
Демократскиот сојуз и Хоти објавија дека го обезбедиле потребното мнозинство во Собранието, откако на 25 март беше изгласана недоверба на владата предводена од лидерот на Движењето самоопределување Албин Курти. Демократскиот сојуз постигнаа договор за коалиција со досега опозициските Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај и Социјалдемократска иницијатива на Фатмир Лимај, како и со партиите на српската и на другите немнозиснки етнички заедници.
Иако не одговори на неколкуте повици на Тачи да именува кандидат за формирање нова влада, Самоопределување го оспори неговото право да го додели мандатот на друга партија, освен на партијата победничка на изборите и тврдеше дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на ковид-19.
Минатиот четврток Уставниот суд го отфрли барањето на Самоопределување, а завчера ја објави и целосната пресуда, со што му се овозможи на Хоти да ја формира новата влада.
Од Самоопределување најавија дека на денешната собраниска седница ќе реагираат „согласно мандатот добиен од граѓаните“, без да изнесат повеќе детали.