Со донесувањето на Законот за ратификација, Договорот со Фронтекс станува дел од внатрешниот правен поредок на државата
Со 61 глас „за“, Собранието денеска го донесе Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс, кој С Македонија и Европската Унија го потпишаа на 26 октомври минатата година.
Предлогот-законот за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, како што гласи целосното име на материјалот, беше дел од дневниот ред на денешната 99. седница на Собранието. На гласањето во пленарната сала не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии.

Со денешната ратификација Договорот со Фронтекс станува дел од внатрешниот правен поредок на државата.
Текстот на предлог-законот Владата го утврди на 20 декември и го испрати на усвојување во Собранието.
Според образложението во материјалите што Владата ги достави до законодавниот дом, се наведува дека договорот отвора можност за воспоставување заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија.
Со влегувањето во сила на овој договор се овозможува на барање на нашата држава да се распоредат полициски службеници на Фронтекс на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на С Македонија. Тоа, како што се наведува, ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.
„Најважен придонес со потпишувањето на овој договор е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа“,
се наведува во образложението на сега веќе изгласаниот предлог-закон.
Инаку, во материјалите за предлог-законот беа содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, летонски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски јазик.
Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс беше потпишан на 26 октомври оваа година. На потпишувањето на Договорот присуствуваше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која со делегација на ЕК беше во официјална посета на земјава.
Договорот од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон кој беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен. Од македонска страна, пак, потпис стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Договорот со Фронтекс како доказ за почитувањето на македонскиот идентитет неодамна го посочи францускиот претседател Емануел Макрон во писмо со честитки и поддршка за постигнатиот напредок кон евроинтеграциите во изминатата година до својот македонски колега, Стево Пендаровски.
„Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори“, се наведува во писмото на Макрон до Пендаровски во кое „360 степени“ имаше увид.