Аунг Сан Су Чи беше соборена на 1 февруари и оттогаш се соочува со обвиненија за корупција, бунт и изборна измама
Судот во Мјанмар што е под контрола на воената хунта ја осуди соборената цивилна лидерка Аунг Сан Су Чи на четири години затвор поради поттикнување немири против војската и кршење на правилата за борба против коронавирусот.
Су Чи „е осудена на две години затвор според член 505 (б) и две години затвор според Законот за борба против природни катастрофи“, рече портпаролот на хунтата Зау Мин Ту.
Воено возило вчера удри во демонстранти при што загинаа пет луѓе, а десетици беа повредени. Безбедносните сили на Мјанмар вчера во Јангон извршија рација врз противниците на воениот удар во земјата при што беа уапсени најмалку 15 луѓе.
Антивоените протести продолжуваат и покрај убиството на повеќе од 1 300 луѓе од државниот удар на 1 февруари кога Аунг Сан Су Чи беше соборена и се соочува со обвиненија за корупција, бунт и изборна измама.
Протестите често се организираат во помали групи кои изразуваат противење на соборувањето на избраната влада предводена од нобеловката Аунг Су Чи и враќањето на воената власт.