Демонстрантите носеле транспаренти со пораки „Косово е срцето на Србија“, „Не капитулирај“, „Не го даваме она што е свето“, а можеле да се слушнат и навредливи скандирања на сметка на Вучиќ

Вечерва околу 18 часот во Белград, кај зградата на Претседателството на Србија, десничарските партии и организации одржаа протест во пресрет на утрешната рунда преговори со Косово што ќе се одржи во Охрид, а под покровителство на ЕУ.
Собирот го организирале десничарските партии Двери, Нови ДСС и Заветници. За настанот организаторите, јавуваат српските медиуми, навеле дека тоа не е протест туку „натпартиско-патриотско обединување“, како и дека на него нема да се веат странски знамиња. Оваа порака доаѓа откако на претходните демонстрации на српската десница можеа да се забележат бројни руски знамиња.
Сепак, телевизијата Н1, јавува дека на собирот повремено можеле да се слушнат скандирања „Да живее Путин“.
Пред Претседателството, демонстрантите носеле транспаренти со пораки „Косово е срцето на Србија“, „Не капитулирај“, „Не го даваме она што е свето“, се одржале говори, а можеле да се слушнат и навредливи скандирања на сметка на претседателот Александар Вучиќ кој ќе ја застапува Србија на утрешната средба во Охрид.
На собирот, покрај поддржувачите на десничарите, присутни се и лидерите на десничарските партии Двери, Нов ДСС и Заветници – Бошко Обрадовиќ, Милош Јовановиќ и Милица Ѓурѓевиќ-Стаменковски.
На утрешниот состанок во Охрид, од косовска страна ќе биде премиерот Албин Курти. Средбата се одвива под покровителство на ЕУ од каде ќе присуствуваат високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Двајцата, во придружба на премиерот Димитар Ковачевски, кој е домаќин на состанокот, вечерва пристигнаа во Охрид. Таму, исто така, е и заменик помошник-државен секретар на САД, Габриел Ескобар, како и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Вечерва во 360°: Интервју со Албин Курти – Охрид и Преспа носат симболика на договарање
(ВИДЕО) Со какви очекувања Борел отпатува за Охрид: Сите очи се вперени таму
Вучиќ во пресрет на средбата со Курти: Не планирам ништо да потпишам
(ФОТО+ВИДЕО) И Ескобар пристигна во Охрид за средбата меѓу Вучиќ и Курти