Проектот поврзан со Судскиот совет што Холандија го стави во мирување, како што изјави холандскиот амбасадор Коп во мај минатата година, е поради низата превирања во ова тело кои кулминираа со разрешувањето на Дамева
Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, кој е познат во јавноста по своите исклучително директни пораки во врска со состојбите во земјава, денеска се сретна со старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, изразувајќи задоволство што ова тело е повторно легален субјект.

„Од големо значење и итност е сега да се започне со враќање на довербата на јавноста и меѓународната заедница во Судскиот совет. Госпоѓа Дамева направи преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на Оценската мисија на Европската Унија“,
пишува во фејсбук-објавата на Амбасадата на Холандија во која се информира за средбата Коп–Дамева.
Во објавата на холандската амбасада се додава дека Холандија сега сериозно ќе ја разгледа можноста за обновување и враќање на проектот со Судскиот совет кој беше ставен во мирување во мај минатата година.
Проектот поврзан со Судскиот совет што Холандија го стави во мирување, како што изјави амбасадорот Коп во мај минатата година, е поради низата превирања во ова тело кои кулминираа со разрешувањето на Дамева.
Инаку, Весна Дамева е старо-нова претседателка на Судскиот совет, откако во очи на Нова година, стигна пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за нејзиното разрешување од 4 мај 2023 година. На седницата на 3 јануари годинава, доскорешниот претседател на ова тело, Сашко Георгиев поднесе оставка, а Дамева се врати на претседателското столче во Советот.
Во синоќешното интервју за „360 степени“, Дамева изјави дека Судскиот совет го нема загубено легитимитетот.