„За да се одземе легитимитет на цело тело, не може истото да се стори врз основа на незаконито, пристрасно, несовесно, нечесно или какво било однесување на поединци. Затоа секогаш кажувам и сега ќе повторувам – значи, секој има име и презиме, и ако некој постапува незаконски, несовесно, неодговорно – треба да се каже со име и презиме“, вели претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: Дали мислите дека со вашето враќање за претседателка на Судски совет се врати легитимитот на институцијата? Бевме сведоци на серија изјави, пред сè, од претставници на меѓународна заедница, но не само од нив, дека ова тело го има изгубено својот легитимитет. Ако бидеме искрени, и во периодот кога бевте избрана за претседателка на Судскиот совет, не цветаа рози ни тогаш.
Дамева: Не можам да кажам дека Судскиот совет го изгубил легитимитетот бидејќи одлуките, особено оваа одлука којашто Управниот суд ја прогласи за незаконита, не беше донесена од сите членови. И не може во ист кош да ги ставите сите членови на Судскиот совет. И не само таа одлука, и идните одлуки што ги носи Судскиот совет најчесто не се едногласно донесени. Затоа не можам да се сложам со констатацијата која проциркулира и во стручната јавност дека Судскиот совет нема легитимитет. За да се одземе легитимитет на цело тело не може истото да се стори врз основа на незаконито, пристрасно, несовесно, нечесно или какво било однесување на поединци. Затоа секогаш кажувам и сега ќе повторувам – значи, секој има име и презиме, и ако некој постапува незаконски, несовесно, неодговорно – треба да се каже со име и презиме.
360°: Покрај вашето име и презиме има една сенка од една заедничка фотографија со Зоран Заев и со други првенци на СДСМ. Колку таа ви тежи, колку ви е товар во работата во Судскиот совет?
Дамева: Искрена да бидам, таа можеби ми беше товар на почетокот кога беше објавена и кога јас стартував со мојата кариера, меѓутоа приватните фотографии со кое било лице или лица, дали се од политиката, дали од бизнис-заедницата и слично, не може да значи дека има каква било поврзаност… Но, секогаш времето е одговор на многу прашања. Јас сега гордо кажувам и докажав и со самите преземени постапки, почнувајќи од април па наваму – дека јас немам поврзаност со политика, ниту постапувам по налог на политиката или под чии било влијанија.
360°: Дали сте биле активна во партија?
Дамева: Апсолутно – не.
360°: И таа фотографија како е настаната?
Дамева: Таа е приватна фотографија, воопшто не би сакала да ја коментирам. Ние сме мала држава и секој со секого има одредена поврзаност.
360°: Последната фаза на заплет на случувањата во Судскиот совет почна со случајот со апелацискиот судија Енвер Беџети кој девет месеци во фиока го држеше предметот „Таргет-Тврдина“. Но, наместо иницијативата за негова одговорност да се најде на дневен ред на Судскиот совет, наеднаш една група членови во Советот, предводена од тогашниот заменик-претседател Селим Адеми, иницираше ваша смена. Дали од денешна дистанца ви е јасно што беше намерата на иницијаторите на вашата смена, а поврзано со случајот со Енвер Беџети?
Дамева: Значи, причините за моето разрешување ѝ се познати на јавноста, не бегам од тоа што претходно сум го изјавила и ќе останам на тоа, но повторно ќе напоменам, како што и кажав при моето заминување – со моето разрешување ќе бидат задоволни одредени лица од политиката. И, апсолутно, кои биле причините, какви биле причините, јас го имам моето лично мислење и ќе го задржам за себе, а останатите доволно си знаат.
360°: Со Селим Адеми имате комуникација?
Дамева: Со сите членови подеднакво комуницирам.
360°: Само професионално или имате и, да речам, секојдневна комуникаци?
Дамева: Знаете, во овој момент, од кога повторно се вратив како претседеател на Судскиот совет, тоа е многу краток период. Поради зголемени активности, можеби звучи неуверливо, но навистина немам време за дружење со членовите. Се надевам дека наредниот период, кога работите ќе се постават, односно кога ќе го поставиме патоказот на функционирање, на завршување на активностите на Судскиот совет, повторно ќе може да се дружиме.